Македонија одбележува 72 години од почетокот на антифашистичкото востание и НОВ

 

Денеска Македонија одбележува 72 години од почетокот на антифашистичкото востание и народноослободителната војна.

На 11 Октомври 1941 борците од Првиот прилепски партизански одред го нападнаа бугарскиот полициски участок и телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп, што го означи почетокот на организираното востание на македонскиот народ против бугарскиот, италијанскиот и германскиот окупатор за  ослободување на земјата. Следниот ден, на 12 октомври, се огласија и партизаните од Кумановскиот одред.

11 Октомври е продолжување на слободарските традиции на македонскиот слободољубив народ проникнати во Карпошовото, Разловечкото, во Кресненското и во Илинденското востание, но и во напорите за социјално и национално ослободување вложени во Балканските војни и во Првата светска војна.

Со одлуката да пристапи кон антифашистичката коалиција Македонија застана на страната на прогресивното човештво, а против фашизмот како најтемна идеологија од современата историја и најсилна негација на општоцивилизациските и демократски вредности.

Македонскиот народ самостојно се избори за својата слобода. Од првите партизански одреди кои ја почнаа борбата, Народноослободителната војска на Македонија на крајот од четиригодишната војна прерасна во доброорганизирана 110-илјадна армија со воени формации од највиок ранг како корпуси и дивизии.

За време на окупацијата од Македонија беа интернирани 58.000 лица, а покрај злосторствата што окупаторите ги вршеа врз недолжното цивилно население, земјата претрпе и огромни економски штети. Круна на борбата се одлуките на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, со кои се оживотворени повеќевековните идеали за основање македонска држава.

Минувајќи го патот на својот повеќедецениски развој и растеж како дел од СФРЈ, а 20 години како самостојна држава, пребродувајќи го конфликтот во 2001 година и од него произлезениот Рамковен договор, Македонија, која е полноправна членка на Обединетите нации, денес е на патот кон евроатлантските интеграции, кои засега се блокирани од Грција, која не го прифаќа нашето уставно име.

Во Собранието  денеска ќе им биде врачена државната награда „11 Октомври“ на годинашните добитници - економистот и дипломат Срѓан Керим за животно дело во областа на науката и образованието, на ликовниот уметник Решат Амети за животно дело во областа на културата и уметноста и на новинарот и публицист Драгослав Аргировски  за животно дело во областа  новинарството и публицистиката.

Делегација на АРМ предводена од началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, по повод Денот на востанието ќе положи венец со цвеќе на споменикот на Методија Андонов - Ченто во Прилеп.

Во центарот на Прилеп ќе биде поставена изложба на борбени средства, техника и опрема на АРМ. Тактичко-техничкиот збор ќе можат да го посетат граѓаните на Прилеп и Република Македонија, каде покрај материјално-техничките средства и борбените возила и вооружувањето на АРМ, ќе бидат прикажани и службени кучиња, како и боречки вештини и вежби со спуштање по јаже од страна на припадниците на полкот за специјални операции на АРМ.

Во чест на празникот во Скопје делегации на ГШ на АРМ ќе положат венци со цвеќе на партизанските гробишта, на гробот на загинатиот претседател Борис Трајковски, поранешниот претседател Киро Клигоров, на гробот на генерал Михаило Апостолски, на споменикот на Методија Андонов - Ченто и на споменикот на хероите.

Во текот на неделава, по повод 11 Октомври - Денот на востанието, во гарнизоните на АРМ беше организирана акција за доброволно дарување на крв, на која крв даруваа 150 припадници на АРМ. 

Седумдесет и втората годишнина од македонското народно востание синоќа беше одбележана со свечена академија во Македонскиот народен театар, на која се обрати претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов. 

11.10.2013 - 10:08

најчитано сега