Се реконструира делницата од Велес до Кадрифаково
Денеска започнаа градежните активности за реконструкција и рехабилитација на делницата од Велес до Кадрифаково.
Денеска директорот Љупчо Георгиевски на прес-конференција истакна дека првата од трите планирани фази на овој патен правец која стартува денеска е во должина од 4,7 километри , од клучката Велес до велешката депонија.
- Од клучката Велес до велешката депонија ќе биде прва фаза и ќе чини околу 1,3 милиони евра, а треба да заврши до крајот на градежната сезона, истакна Георгиевски.
Втората фаза од изградбата ќе стартува идната година и е во должина од 8,9 километри, а ќе значи целосна реконструкција и проширување на патот со нова трета лента до село Лозово од сегашните 6,4 на 11,1 метри, и ќе чини 6,4 милиони евра, додека последната трета фаза треба да стартува во мај 2014 година е на релација Лозово-Сарамзалино-Кадрифаково и е во вкупно должина од 10,7 км а ќе чини 7,2 милиони евра.
- Оваа делница која е изградена пред повеќе од 50 години претставува основна и сообраќајно најоптеретена врска кон цела источна Македонија. Таа досега имаше недоволна широчина на коловозот, криточни хоризонтални и вертикални кривини, двоводен издеформиран и дотраен коловоз, со брзина на движење од 50 до 70 км/час и повеќе црни точки, рече Георгиевски.
Сите фази треба да бидат готови до 2015 година.