Беџети: Барањето за аболиција на новинарот Кежаровски е преседан

Денеска македонскиот министер за правда Блерим Беџети во врска со судењето за случајот "Ликвидација" во кој е обвинет и новинарот на Нова Македонија, Томислав Кежаровски, вели дека додека случајот е во судска постапка би било преседан да се ослободи обвинетиот од гонење.

- Во Министерство за правда сериозно ја разгледуваме иницијативата, но внимателни сме да не придонесеме сите заедно да се случи еден преседан, додека е во судска постапка да се постапи по такво нешто, изјави Беџети одговарајќи на новинарско прашање пред промоцијата на Збирката на пресуди на Европскиот суд за човекови права, по членот 10 – слобода на изразување.

На новинарот, како што рече Беџети, не му се суди за слобода на изразување, туку за друг почуствителен предмет.

- За конечен одговор деновиве ќе информираме од Министерството за правда, додаде министерот.

На новинарот Кежаровски му се суди за откривање на идентитетот на заштитен сведок. Денеска во скопскиот Кривичен суд зад затворени врати продолжи судскиот процес против него и останатите обвинети во Ликвидација.

01.10.2013 - 15:40
Фото: 
Влада

најчитано сега