Средба Иванов-Рама: ЕУ најмногу може да ни помогне да бидеме обединети во иднина
Денеска во Тирана македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов се сретна со албанскиот премиер Еди Рама. На средбата двајцата соговорници констатирале дека Европската унија е таа што може најмногу да му помогне на нашиот регион да добие нов амбиент.
- Знаеме какво минато сме имале сите ние што живееме на Балканот, но првпат се случува нешто што не обединува во иднина. Европската идеја е таа што од иднината, нас не обединува да работиме во сегашноста и да ги исполниме европските стандарди, принципи и критериуми. Така ќе се создава потесен простор за оние што не им мислат добро на луѓето на Балканот, се разбира доколку ние сме доследни на европската агенда, истакна шефот на македонската држава, Иванов.
- Разговаравме за придонесот на Албанците што живеат во Македонија, но и за Македонците што живеат во Албанија и притоа констатиравме дека живееме во такво време во кое не можете комуникацијата на луѓето и нивниот интерес да ги блокирате, рече македонскиот претседател.
Во контекст на тоа додаде дека на генерацијата што доаѓа треба да и се понуди нова инфраструктура, нови патишта, коридори, оптички кабли, далеководи, гасоводи....- Тоа е она што и го должиме на генерацијата која доаѓа по нас. Ќе не паметат по она што денес ќе го направиме за нив, подвлече Иванов.
Албанскиот премиер истакна дека од исклучително значење е зајакнувањето на односите и соработката меѓу двете влади.
- На средбата и претседателот на Република Македонија ја изрази својата загриженост и своето барање да се покаже поголемо внимание за македонското малцинство во Албанија. Јас оваа порака ја примив не само како обврска на Владата да се грижи за сите малцинства во Албанија, но и како израз на фактот дека неможе да бараме од некого нешто што самите не можеме да го исполниме и дадеме, нагласи албанскиот премиер.
Претседателот Иванов синоќа во Амбасадата на Република Македонија во албанскиот главен град имаше средба со претставници на Македонското национално малцинство.