Донев: Заев и СДСМ го критикуваа проектот нова автобуска станица, а денеска гордо сечат лента

Сашо Донев претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Охрид на денешната прес-конференција истакна дека Зоран Заев и СДСМ се луѓе без срам и перде.

-Кога отпочнуваше проектот нова автобуска станица, тие бесмислено го напаѓаа и критикуваа. Денес се тука горди што ќе сечат лента. Не сме сигурни и ги прашуваме господата од СДСМ, кога повеќе им беше срам, тогаш кога критикуваа дека ќе се прави нова автобуска станица за охриѓани или денес кога се нацртани сите до еден да се сликаат и да сечат лента, заборавајќи на се она што го говореа против проектот?, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Донев нагласи дека Зоран Заев и СДСМ се луѓе без срам и перде штом денеска се тука пред охриѓани да промовираат нешто коешто не го направиле.

-Новата автобуска станица е проект на ВМРО-ДПМНЕ кој отпочна изминативе години и на кој особено сме горди како партија, бидејќи охриѓани го заслужуваат и упатуваме честитки до граѓаните. Денес најверојатно пак ќе чуеме од Зоран Заев дека ова е уште еден проект кој ги приближува охриѓани кон европското семејство, проект кој патем го плукаа и критикуваа. Но, морам да споменам неколку работи. Да, охриѓани заслужуваат да бидат дел од европското семејство, но не со урбана мафија која царува низ целиот град секогаш кога СДСМ е на власт и целиот град наликува на една огромна дивоградба. Да, охриѓани заслужуваат да бидат дел од европското семејство, но не со свесно блокирани проекти како автопатот Кичево – Охрид, Cв. Климентовиот универзитет, колекторскиот систем и многу други. Проекти кои се стопирани од СДСМ изминатава година, а се и тoa како важни за Охрид и охриѓани, вели претседателот на ОК ВМРО-ДПМНЕ Охрид.

Донев посочува дека охриѓани заслужуваат да бидат дел од европското семејство, но не со криминал, со корупција, со здравство кое наликува на погребално претпријатије и со судство кое е далеку од европските норми и стандарди.

-Вие не сте пожелни кај охриѓани. Сè што ветивте излажавте и сè што ќе ветите и малите деца знаат дека ќе излажете. Затоа, ослободете ја општината од овие канџи на луѓе кои не знаат како да ја раководат и прекинете со штетата која му ја правите на градот. Охриѓани не ги забораваат вашите зулуми и штети кои му ги нанесувате на овој преубав град, нагласува Донев.

 

 

 

01.08.2018 - 15:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега