ВМРО-ДПМНЕ: Заев и СДСМ не се залагаат за европската иднина на Македонија

Македонија не може да се врати на евроатланскиот пат, и да се надева на членство во ЕУ и НАТО, со правосудство кое работи според директиви на Зоран Заев и СДСМ. Македонија не може да стане дел од ЕУ и НАТО со коруптивни тендери и грантови, тешки неверојатни 45 милиони евра, кои служат за исплата на партиските послушници, медиуми, владини и партиски функционери на СДСМ. Суд и обвинителство кои наместо да се борат со криминалот, амнестираат функционери на СДСМ за сторен криминал не се во согласност со европските вредности.

Ова денеска го соопшти ВМРО-ДПМНЕ како реакција на изјавата пратеникот на СДСМ, Костадин Костадинов.

-Заев повторно ги излажа граѓаните. Ветуваше референдум кој ќе биде задолжителен, а сега предложи и изгласа консултативен референдум. Заев и СДСМ се обидуваат да ги манипулираат граѓаните со нејасно и двосмислено прашање кое е спротивно на членот 15 од Законот за референдум. На тој начин само креираат дополнителна конфузија меѓу граѓаните. Доколку договорот со Грција беше добар и поволен за Македонија и не го бришеше нашето име, историја, традиција и култура, Заев со целокупната медиумска и невладина поддршка што ја има, ќе прифатеше да оди со само едно прашање, кое ќе беше јасно и недвосмислено, а ќе се однесуваше само на договорот од Нивици, се вели во реакцијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ потенцираат дека Заев и СДСМ не се залагаат за европска иднина на Македонија.

-Доколку тие се залагаа за европска Македонија ќе водеа борба против корупцијата, немаше да ја заробат државата и да ја укинат парламентарната демократија. Власта не може да сокрие својата неспособност со потпишување на капитулантски договори и затоа мора час поскоро да си замине. Само така Македонија ќе победи, се вели во реакцијата.

 

 

 

30.07.2018 - 21:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега