Мицкоски: Мудро треба да се изоди овој пат, оваа битка не е лесна, но ВМРО-ДПМНЕ е на нозе со народот

Сведоци сме на ова тешко време за нашата држава, но за мене претставува огромна чест и задоволство да бидам претседател на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи партијата е дел од една организација која се формирала многу одамна, па потоа прераснала во политичка партија. Сетоа она бреме историско кое што го носам позади себе е привилегијата на историското ВМРО-ДПМНЕ, но предизвиците кои што се во денешното време и она кое што доаѓа не прават само да бидеме многу повнимателни и да бидеме горди на тоа историско бреме кое што го носиме со себе, но и да бараме солуции на сите предизвици кои доаѓаат и кои во суштина се присутни и денеска.

Ова го истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во гостувањето во емисијата „Јади Бурек“ на ТВ Сонце.

-Денот како претседател на ВМРО-ДПМНЕ навистина е динамичен, но она што помалку или повеќе ми недостасува во овој период беше поголемото внимание на студентите на факултетот и на семејството се разбира. Но, јас сум свесен за историскиот моментум во кој се наоѓа Република Македонија, јас сум свесен сум дека ВМРО-ДПМНЕ била и ќе остане на браникот на заштита на националните и државните интереси, но и да ги превенира сите оние напади кои и се случуваат на нашата татковина, рече Мицкоски и додаде:

„Ние мора достоинствено да се носиме со тој предизвик, мора достоинствено да ги совладуваме пречките кои што се пред нас, но и паралелно со нас. Да заклучам, навистина претставува гордост да се биде претседател на ВМРО-ДПМНЕ и да се има такви соработници какви што јас имам во моментов во партиската структура“.

Целта на опозицијата, вели Мицкоски, е рушење на оваа ненародна, анационална власт.

-Јасно ја гледам таа крајна цел. Тоа го покажуваат и анкетите. Тоа го покажуваат и средбите со граѓаните на терен, дека ВМРО-ДПМНЕ цврсто стои на нозе повторно и дека ВМРО-ДПМНЕ граби кон вистинската траекторија и тоа е до конечно рушење на оваа ненародна и анационална власт која што во моментов за жал на Македонија и на граѓаните на Македонија ја води владата. Но, тој пат повторно ќе кажам ниту ќе биде лесен, ниту брз, ниту едноставен, вели Мицкоски.

На прашањето- зошто ВМРО-ДПМНЕ не делува порадикално во овие тешки моменти за државата, лидерот на опозицијата потенцира дека по патот треба да се чекори мудро, анализирајќи го секој чекор.

Според Мицкоски, радикализацијата на опозицијата оди во прилог на сите оние на кои не му мислат добро на ВМРО-ДПМНЕ и Македонија.  Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека опозицијата тоа го антиципирала како можен ризик и одлучила тоа да го превенира.

 

 

 

12.07.2018 - 21:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега