За некој денар плус нелегално лечеле пациенти во приватни ординации - тројца забари фатени на дело

Тројца стоматолози од Универзитетскиот стоматолошки клинички центар „Свети Пантелејмон“ и еден професор од Средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“, паралелно си работеле и во приватни  приватни здравствени установии и го прекршиле Законот за здравствена заштита.  

Докторите биле фатени “на дело“ при вонреден инспекциски надзор во приватните здравствени установи „Импакта дентал“, „Д-р Јанкуловски“ и „Д-р Мила Јамакоска“. Установите немале уредна документација за вршење здравствени услуги во дополнителната дејност.

Ординациите во кои тројцата лекари нелегално работеле, се затворени во времетраење од 30 дена. Како што најавуваат од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, ќе бидат преземени и сите потребни мерки за направените прекршоци од страна на здравствените работници и на установата.

- Освен затекнатите доктори, казни се предвидени и за приватните ординации каде тие работеле, кои според законските прописи треба да платат глоба од 4.000 до 6.000 евра заради вршење дополнителна дејност спротивно на законските прописи, информира денеска на прес-конференција директорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Ѓевѓез Шаќири.

Шаќири информираше дека вчера до нив е пристигнат писмен допис од Универзитетскиот стоматолошки клинички центар дека затекнатите доктори немале склучено договор со ниту една од трите ординации за давање здравствени услуги како дополнителна дејност. Тој додаде дека постои законска можност докторите да останат без лиценцата за работа во времетраење од четири години или во траење што ќе го одреди Стоматолошката комора на Македонија.

Во „Инпакта дентал“ е затекната проф. д-р. Г.К. специјалист по стоматолошка протетика, додека во „Д-р Јанкуловски“ затекнати се проф. д-р Е.Ј, вработена во Стоматолошкиот клинички центар  и проф. д-р Д.Ј. вработен во средното медицинско училиште. Во „Д-р Мила Јамаковска“ фатен е доктор О.Ј. специјалист по стоматолошка протетика, сопруг на сопственичката на ординацијата. 

Стоматолошката комора на Македонија ќе дознае за утврдените законски прекршувања.

14.09.2013 - 13:38

најчитано сега