Македонија на 42 место во светот според Индексот за слобода на медиумите
Македонија падна за 6 места, од 36 на 42, во Индексот за слобода на медиумите на Репортери без граници (РСФ). Во оваа група земји каде ситуацијата е „задоволителна“, од регионот се уште само 2 земји, Словенија која напредувала за за 9 места и е 33-та, и Црна Гора погоре за 3 места и е 37-ма.
- „Иако физичките напади врз новинарите се највидливото кршење на слободата на медиумите, економскиот притисок е исто така главен, поподмолен проблем. Економскиот показател на Светскиот индекс на слободата на медиумите на РСФ сега е на невидено критично ниско ниво, бидејќи неговиот пад продолжи во 2025 година. Како резултат на тоа, глобалната состојба на слободата на медиумите сега е класифицирана како ‘тешка ситуација’ за прв пат во историјата на Индексот“, вели РСФ.
Во општата оценка за Македонија се вели: „Иако новинарите не работат во непријателско опкружување, широкораширените дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади. Исто така, владините функционери имаат тенденција да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите“.
Во однос на лани, Македoнија има пад во 3 од 5 индикатори. Најголем пад од 9.07 поени има во политичкиот показател, од 4.19 поени во социјалниот индикатор и од 3.66 поени во економскиот показател, а незначителен пораст во 2 индикатора – 0.25 поени во показателот правна рамка и 0.01 поени во показателот за безбедност.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа