Иванов: Грција настапува себично и ултимативно

 

Македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов вели дека последните средби на медијаторот Метју Нимиц со македонската и грчката страна не вродија со плод. Прашањето за името остана без решение, а ставовите на двете земји останаа спротиставени.

- Има согласност за името Македонија да биде содржано во решението, но приближување на ставите се уште нема.  Тоа што го кажа Нимиц тоа е реалноста и ние очекуваме грчката страна да се  држи до рамката во која се водат преговорите   бидејќи  постои дефинирана рамка од Обединетите нации, изјави денеска Иванов.

Според него, другата страна секојпат настапува ултимативно и настојува само нејзините барања  да бидат задоволени, а не барањата и потребите на другата страна.

- Станува збор за заемно прифатливо решение. Затоа очекуваме дека  грчката страна конечно ќе се придржува до рамката која е предвидена. Некојапат и времето  носи решение, а реалноста е таква каква што е што ја пренесе Нимиц, рече претседателот Иванов.

На новинарско прашање дали е точно  дека е прифатено во решението да има географска одредница и оти проблем е каде да се наоѓа, Иванов одговори дека состојбата е дека нема решение.

- Тие се детали. Станува збор за предлог, предлогот има многу нијанси. Господинот Нимиц треба и од нашата страна, нашиот став, нашата позција и од грчката да дојде до заемно прифатливо решение. Се се тоа шпекулации, фактички сега состојбата е дека нема решение, изјави Иванов по пуштањето во употреба на нов парк во општина Аеродором.

12.09.2013 - 14:14

најчитано сега