Венизелос: Атина бара име со географска одредница и севкупна употреба на името

 

Следниот состанок во врска со прашањето за името најверојатно ќе се одржи последната седмица од септември во Њујорк, изјaви грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос.

Грчкиот вицепремиер ја информираше Парламентарна комисија за национална одбрана и надворешна политика за неговата средба со медијаторот Метју Нимиц, при што повтори дека процесот трае 18 години откако стапи во сила Времената спогодба.

- Со оглед на тоа што многу интензивно и лично учествував во процесот кој доведе до изготвување на Времената спогодба, знам колку е важно да постои референтна рамка, и ја изразив почитта на Грција за напорите на генералниот секретар и на Нимиц, рече Венизелос и додаде дека е важно процесот на преговори да продолжи.

Тој изрази уверување дека „грчката позиција, како што е формулирана, ужива широк национален консензус, и повтори дека Атина е за сложено име со географска одредница што се однесува на географскиот поим на името, а не на политичкиот термин“. Венизелос уште еднаш кажа дека Грција е само за ерга омнес решение.

- Мислем дека јаснотијата со која одговоривме и ги кажавме нашите позиции, како и анализите кои ги спроведовме со Нимиц, многу ќе помогнат во преговорите со Скопје и подоцна, на нашите состаноци за ова прашање, рече Венизелос.

12.09.2013 - 10:24

најчитано сега