Фенербахче на колена во Скопје, Вардар победи со 2:0!

 

Македонскиот фудбалски првак Вардар на сензационален начин го победи фаворизираниот турски Фенербахче со 2-0, во првиот меч од плејофот за пласман во Лига Европа, одигран вечерва на националната арена „Филип Втори“.

Искусниот стратег Чедомир Јаневски, на тој начин, имаше успешно деби на тренерската позиција во Вардар, еден ден по неговото претставување во клубот.

Тигран Барсегјан го отвори резултатот во 20-та минута, совладувајќи го гостинскиот голман Идрис Камени, по индивидуален пробив, користејќи ја слабата реакција на гостинскиот стопер Мартин Шкртел. Мехмет Топал постигна автогол во судиското надополнување на мечот, во обид со глава да ја врати топката кон својот голман.

Значајот на триумфот е уште поголем, ако се земе предвид вредноста на составот исполнет со искусни интернационалци и звучни имиња, на Фенербахче, чии играчи чинат вкупно 91 милиони евра, наспроти вкупната вредност на „црвено-црните“ која изнесува 11 милиони евра (според податоците на интернет-страницата специјализирана за трансфери „трансфермаркт.де“). Матју Валбуена, Роберто Солдадо и Шкртел се меѓу попознатите фудбалери на турскиот клуб, кои настапија вечерва во Скопје.

Капитенот на Вардар Бобан Грнчаров беше исклучен во 90-та минута, кога доби втор жолт картон, со што нема да игра во реваншот во Истанбул, кој е закажан за идниот четврток. Кај Фенербахче, црвен картон доби Соуза.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, заедно со пратеникот Јохан Тарчуловски, го бодри Вардар од трибините на градскиот стадион „Филип Втори“ каде се игра натпреварот со Фехербахче.

Груевски и од Лахнес Арената во Келн го бодреше Вардар во полуфиналниот меч против Барселона во ракометната  Лига на шампиони.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, често може да се забележи на фудбалски натпревари. Тој неодамна од трибините на градски стадион, заедно со семејството, го следеше и натпреварот меѓу Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед.

 

 

 

17.08.2017 - 22:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега