Белата чума ги ништи Битола и Прилеп
Податоците за нивото на природен прираст покажуваат дека Прилеп, Битола и уште 7 општини во Пелагонискиот регион се зафатени од „бела чума“. Лани во Прилеп починале 897 лица, а се родиле 773 бебиња. Тоа значи дека во Прилеп има негативен прираст од 124 лица.
Статистиките покажуваат дека е загрозено и градското население, а не само руралното. Демографите пак, сметаат дека негативниот природен прираст во последниве неколку години, за земја со два милиони жители претставува изумирање на нацијата.
Негативниот прираст е најизразен во поголемите градови во југозападна Македонија. Според статистиките, рекордер е Битола, а веднаш зад него е Прилеп.
Податоците од Заводот за статистика покажуваат дека освен наталитетот, опаѓа и бројот на склучени бракови.