Формирано Советодавно тело во Министерството за енергетика
По иницијатива на министерката Сања Божиновска, во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини е формирано Советодавно тело составено од еминентни имиња од академската заедница, експерти и интелектуалци со долгогодишно искуство во областа на енергетиката, рударството и одржливиот развој.
Ова тело, како што соопшти Министерството, има консултативна функција и ќе обезбедува стручна поддршка и мислење во процесот на креирање и унапредување на енергетските и рударските политики, со фокус на националната енергетска транзиција, подобрување на регулативата, инвестициската рамка и безбедноста на снабдување со енергија и минерални суровини.
Целта на Советодавното тело е да се обезбеди дополнителна експертиза и поширока перспектива при носењето на важни стратешки одлуки и реформи. Членовите на телото ќе имаат улога и во анализа на клучните предизвици, изработка на предлози и укажување на добри практики, како и во поттикнување на јавна и научна расправа за развојот на овие сектори.
-Го формиравме ова тело со цел Министерството да има континуиран пристап до експертско знаење и критичка мисла, втемелена во научни и практични основи. Верувам дека овој пристап ќе придонесе за поквалитетни политики и поодржливи решенија за иднината на енергетиката и рударството во државата, истакна министерката Божиновска.
Членовите на Советодавното тело ја одржаа и првата конститутивна седница. Ја поздравија идејата и ја оценија како значаен и визионерски чекор, истакнувајќи дека ја ценат иницијативата на министерката која препозна дека нивната експертиза не само што може да и помогне на државата, туку и да ја унапреди и подигне на уште повисоко квалитетно ниво.
-На првиот состанок произлегоа многу идеи за новини во секторите и подобрување на состојбите. Советодавното тело ќе се состанува на редовни состаноци, но и по потреба во фокусирани тематски експертски групи за одделни проекти или специфични потреби, се наведува во соопштението.
Сите членови на Советодавното тело изјавиле дека ѝ стојат на располагање на државата, и тоа без никаков надомест, секогаш кога ќе биде побарано нивното учество.
Во првата фаза, членовите на телото, како што се посочува во соопштението, ќе му помогнат на Министерството при изработката на подзаконските акти кои треба да го дорегулираат обемниот нов Закон за енергетика.
-Министерството ги вреднува и цени знаењата и искуствата на нашите експерти. Само преку инклузивен пристап и со вклученост на сите релевантни чинители, можат да се креираат одржливи решенија што вистински ќе придонесат за развојот на нашата земја, се наведува во соопштението.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа