„Мерцедес“ и „Ауди А3“ вчера настрадаа во Солун и Асправалта - нервоза и хаос наместо одмор за македонските туристи

 

Два нови случаи на оштетени возила, беа пријавени од страна на македонски државјани кои одморот го минувале во Грција, информираат од МВР.  Вкупниот број на вакви инциденти летово се искачи на 42 случаи.

Во текот на вчерашниот ден, на Граничниот премин „Богородица“, М.Ј. од Скопје, која управувала патничко возило „Мерцедес“ со скопски регистерски ознаки, пријавила дека во Солун, возилото и било испишано по целата површина со црвена боја (напред, назад, по табличките). Оштетувањето го пријавила и во грчката полиција.

Истиот ден, на Граничниот премин „Богородица“, А.Ј. од Гостивар, кој управувал патничко возило „Ауди А3“ со гостиварски регистерски ознаки, пријавил дека и неговото возило било испишано со црвена боја. „Аудито“ настрадало во туристичкото место Асправалта.

-Со овие два новорегистрирани случај, во изминатиот период од страна на нашата гранична полиција евидентирани се вкупно 42 оштетувања на возила и одземања на таблички. Од 42-те оштетувања кои ги пријавиле македонските државјани, 32 се кражби на регистарски таблички, од кои во 24 случаи се украдени обете таблички. Предничи туристичкото место Ханиоти каде што досега се евидентирани 13 кражби и Неа Пори (6). По однос на оштетените возила бројката на вакви настани сега нарасна на 7 случаи, информираат од МВР.

Од вкупниот број случаи - 27 се пријавени од страна наши државјани и на грчката полиција, но досега МВР се уште нема добиено никаква информација од грчките колеги. Дваесет од македонските граѓани кои пријавиле кражба или оштетување се од Скопје, а останатите од други места во Македонија.

 


најчитано сега