Арифи: Тетовчани разумно да ја користат водата за пиење
Градоначалникот на Тетово, Теута Арифи на денешната прес-конференција повторно упати апел до жителите за рационално користење на водата за пиење.
Со моменталните количини што доаѓаат до градскиот водовод од нешто под 500 литри вода во секунда, појасни, има доволно вода за задоволување на потребите на Тетово само под услов доколку таа се користи наменски за пиење и за домаќинствата, а не и за миење на улиците и тротоарите, вадење на дворовите и други активности кои се непотребни во овие услови.
- Поради ваквите постапки на поединци погорните делови од градот и дел од висококатниците се соочуваат со проблеми со водоснабдувањето, а ако ваквата состојба со нерационалното трошење на водата продолжи и во следниот период со недостиг на вода ќе се соочат и жителите во долниот дел од градот, рече Арифи.
Таа најави дека општинските инспекции на терен ќе утврдуваат дали се злоупотребува водата за пиење по што против сите прекршители ќе бидат презмени соодветни санкции.
Во однос на трајното решавање на овој проблем Арифи најави дека во текот на оваа година општината преку изградба на пречистителна станица ќе се обиде да придонесе за зголемување на количините вода додека за следната година се очекува со средства од буџетот на државата да се заврши проектот за зафаќање на изворите на реката Пена и Студена река кој чини околу 2,5 милиони евра и со кој се очекува да се обезбедат дополнителни 200 литри вода во секунда за Тетово.
ФОТО: vlada.mk