МЗ: Успешно се имплементира електронската евиденција во здравството

 
Од Министерството за здравство денеска известуваат дека во изминатиот месец  во повеќе општини во Македонија успешно се имплементира системот „Национален систем за електронска евиденција во здравството“ и тоа во делот на електронско упатување со закажување и Е-рецепт. Оттаму велат дека согласно усвоениот протокол за имплементација, проектот стартува етапно, односно општина по општина и досега истиот е имплементиран во над 20 општини.
 
-Согласно досегашните сознанија од имплементациониот период, Министерството за здравство ги известува сите матични лекари да внимаваат при креирањето на електронските рецепти и одбирањето на генериките на лековите и останатите упатни дијагнози да ги употребуваат нивните точни називи. За таа цел до матичните лекари веќе е доставена листа со сите генерички имиња кои досега им предизвикувале одредени нејаснотии при креирањето на рецепт, а оваа листа е објавена и на веб сајтот на Министерството за здравство, стои во соопштението од Министерството.
 
Паралелно на ова, до матичните лекари се доставени и сите протоколи во кои е прецизно наведено што е потребно да направат во случај на спреченост од течнички карактер за креирање е-рецепт и е-упат (немање интернет, немање струја и сл).
 
Од Министерството потенцираат дека во ниту еден случај, ниту во тековниот имплементационен период, ниту по комплетната имплементација на системот, ниту еден пациент не смее да биде вратен или да не ја добие потребната здравствена услуга како резултат на било какви проблеми во системот.
 
-Уште еднаш сакаме да потенцираме дека со целосната имплементација на овој систем најголем бенефит ќе имаат граѓаните кои ќе бидат ослободени од бирократските процедури и намалување на потребните печатени документи и времето на чекање, проблемот со гужвите и турканиците во здравствените установи и ќе го сведе на минимум времето на чекање во здравствените установи. Систем кој овозможува максимално почитување на времето на пациентот и избегнување на непотребното губење време во чекалните, соопштуваат од Министерството.  

 

 
 

најчитано сега