Приватните телевизии во Грција најавија 24 часовен штрајк

 

Во знак на солидарност на отпуштените работници од грчката национална телевизија во наредните 24 часа, сите приватни телевизии во Грција најавија штрајк. Отпуштените веќе повеќе од еден месец ја држат окупирана зградата на медиумот и емитуваат вести преку интернет. Додека трае штрајкот било најавено дека телевизиите нема да емитуваат програма во живо туку само забавни емисии и филмови. 

Тајмингот на штрајкот се поклопува со планираните дебати во Парламентот за предлог законот за новата државна радиотелевизија на местото на ЕРТ. Собранието вчера ги отфрли предлозите на главната опозициска партија СИРИЗА за формирање на комисија која ќе треба да ја разгледа одлуката за затворање на националната грча телевизија на 11 јуни. 

Со новиот конкурс кој ќе биде објавен за неколку дена ќе бидат вработени 500 лица. Ова го најави заменик-министерот за култура, кој од Владата доби дополнителна надлежност  над јавните медиуми, Панделис Капсис.

Тој изрази загриженост дека „група синдикални активисти, а можеби и политичари, не им дозволуваат на поранешните работници на ЕРТ да си заминат од зградата на државната телевизија“.

Вработените од поранешната ЕРТ, пак, од своја страна ја обвинија Владата за „притисок и закани“ и побараа власта да донесе измени во законот, со кои ќе се овозможи да им биде исплатена отштета.

најчитано сега