Дождот ја парализираше Барселона: Авионите ниту полетуваат, ниту слетуваат
Поради обилните врнежи од дожд на аеродромот Ел Прат во Барселона, во понеделникот беа откажани 70 летови, а 18 авиони беа пренасочени кон други аеродроми, соопшти аеродромскиот оператор АЕНА.
Тој преку социјалната мрежа „Х“ ги повика патниците да го проверат статусот на нивните летови со авиокомпаниите.
Утрово невремето со дожд се пресели од провинцијата Валенсија, оставајќи 217 мртви, кон соседна Каталонија. Водата течеше низ покривот на аеродромот, а патниците на терминалот шетаа низ водата со својот багаж, се вели во видеото на шпанската јавна телевизија TVE.
Во текот на четири часа таму наврнале 150 литри дожд на метар квадратен, соопшти метеоролошката служба АЕМЕТ.
Во текот на денот во Каталонија, беше прекинат приградскиот железнички сообраќај. Откако водата ги блокираше патиштата, возачите беа повикани да не патуваат непотребно.
Службата за итни случаи примила 2.136 повици од жители на Каталонија до 13 часот, од кои 269 во главниот град Барселона.
Патиштата во Барселона се отворени од попладневните часови, но три патишта околу пристанишниот град Тарагона се уште се затворени. Некои болници во Каталонија ги откажаа неитните прегледи и процедури.
„Интензивните врнежи продолжуваат во Барселона, Тарагона и Кастелон (во провинцијата Валенсија)“, соопшти метеоролошката служба, повикувајќи ги жителите да бидат крајно внимателни.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа