Фантоми и математика
Фазата на вкрстена проверка на податоците од неколку бази треба да доведе до легитимизација и кредибилност на избирачкиот список, по што веројатно потоа никој не би требало да го оспорува основниот столб на еден изборен процес.
Јавната достапност на таа база за „медиумската и граѓанска вкрстена проверка“, по се изгледа треба да ја опструира експертската вкрстена проверка и целосно да го деградира избирачкиот список и однапред да ги прогласи за нецелосни и неверодостојни заклучоците и одлуките што треба да произлезат од Државната изборна комисија и на тој начин да обезбеди ново алиби за ново пролонгирање на изборите, закажани за 5 јуни. Воедно и да ја забетонира се помасовната констатација дека во Македонија со години имало, не кражба, туку општ и масовен грабеж на изборни резултати.
Тоа е она што деновиве може да се извлече како заклучок од оваа, на лик, хаотично произведена состојба. Опозицијата жестоко ги форсира „фантомите“, власта некако штуро се брани.
Една работа во моментов е јасна и таа најитно мора да се расчисти. Во избирачкиот список нешто не е како што треба, барем според она што може да се види, а тоа е дека на многу адреси има повеќе од нормално логичниот број станари.
Но, кои се тие луѓе? Што се тие? Од каде се? Како се нашле таму? Зошто се таму? Ова се прашања на кои оние што се потпишуваат како „истражувачи новинари“ бараат одговори. Оние кои пак се во улога на манипулатори, сервираат веќе подготвени одговори. Во ситуацијата тоа е случај. „Фантоми“ е најлесниот и веројатно најпотребниот одговор.
Што е фантом? Што е фантом гласач? Заедничко е непостоечкиот елемент. Привидение… Што веројатно во ситуацијата и е, но како привидение за опозицијата. Но, ете нека е она другото. Дух. Со други зборови вишок од реалноста.
Во изборениот речник на опозицијата тоа е глас на непостоечка личност. Но за да биде реализиран во пракса тој глас на таа непостоечка личност, во реалноста мора некој да го замени и притоа тој мора да биде реален и не од сон или дух.
Како тоа би изгледало?
Во Македонија изборите се спроведуваат на 3.480 избирачки места. Бројот на избирачи по избирачко место не може да биде поголем од 1000 гласачи, а најчесто е од 500 до 900 гласачи по избирачко место. Времетраењето на изборниот процес е 12 часа активно гласање. Од 7 часот наутро до 19 навечер. Тоа се 720 минути време за гласање.
Толку со политика. Се натаму е веќе математика и физика, а тие се реални, а не фантомски. Барем јас не знам дека некој во светот досега ги оспорувал.
Тука во математика и во физика ќе ги побараме фантомите на ВМРО-ДПМНЕ што му носат победи на избори во последните десет години.
Гласачкиот процес подразбира процедура, која пак е временски врзана и лесно математички пресметлива. Тоа во оваа наука може да се пресметува и во стотинки од времето, ама ние сега со интервали нема да се занимаваме. Ја следиме општата математика.
Во најоптимални услови, без чекање ред, за гласање е потребно од една до три минути. Да се земе просек од 2 минути за чинот од појавување на гласачкото место, проверка, евиденција, регистрација, гласање, спуштање во кутија на гласачкото ливче, подигање на лични документи и заминување. Во најдобри услови две минути.
Оптимално време за движење од едно до друго избирачко место (не во иста населба), но во еден град, е и до 20 минути. Математиката го покажува следното. Едно лице, ништо друго да не работи во текот на тој ден предвиден за гласање, хипотетички во 12 часа може да се појави на 36 избирачки места ако тргне во 07.00 наутро и заврши во 19.00 навечер. Но не и да гласа на сите, затоа што му недостасуваат 72 минути, односно час и 12 минути…
Одиме обратно. Едно лице хипотетички може да гласа во еден изборен ден 360 пати, но само ако тоа го прави 12 часа без прекин едно по друго. Такво нешто во реалноста и во физиката е невозможно…Се согласувате, нели..
Одиме со друг пример во кој бараме прво логика, а потоа и математика и физика.
Неопходните 20 минути за промена на избирачкото место и неопходните две за чинот на гласање теоретски на едно лице му овозможуваат да гласа 32 пати во еден ден… Но, тоа е само теоретски. Физички е поинаку. Ако се земат предвид интервалските осцилации и се бараат во идеално создадени услови за непречено движење, блиски избирачки места и без какви било застои, во еден ден, за едно лица да може да се појави на што повеќе избирачки места, оптимален логичен резултат би бил 20 места.
Значи за едно лице да гласа во еден ден 20 пати потребни му се од гласање до гласање околу 36 минути, но со напомена дека целиот ден само тоа мора да го работи… Но, еве да речеме може… Значи дојдовме до почетната позната, сега ја бараме крајната непозната.
Значи, едно лице во тој ден може да обезбеди 20 гласа. Теоретски се согласуваме дека може. Но, треба да стасаме до бројката од околу 200.000 гласа разлика, за кои опозицијата тврди дека власта ги краде преку вакви фантомски гласачи. Ок…бараме логика.
Ако едно лице носи 20 гласа, тоа само по себе не значи ништо.
Десет лица носат 200 гласа. Многу малку… Одиме понатаму.
Сто лица, во исти вакви услови за сите и се да биде перфектно, по 20 гласа носат 2000 гласа… Ситница, а веќе ангажирани сто лица, прв ризик дека барем 1 процент од нив може да попушти во лојалноста.
Понатаму, 1000 лица ангажирани да имаат дваесет различни идентитети, со различни лични кари, матични броеви, растрчани низ Македонија да гласаат по дваесет пати ќе донесеат 20.000 гласа. Завидна бројка, но ќар нула. Трошок огромен, ризик веќе опасен. Ако на сто лица ризикот за пробивање на планот беше 1%, на 1000 тој веќе може да е и над 2 %. Тоа значи дека најмалку на дваесетина лице може да им пукне филм од овој план и да пропеат.
Се ближиме до целта. 200.000 гласа, теоретски, се прават со ангажирани 10.000 лица, но под услов, со најоптимални околности за сите 20 различни идентитети и се перфектно спроведено за да се изведе целата задача и за да се стигне до целта. Теоретски велиме дека може. Но… Реално дали тоа е остварливо? И колку логика има во тоа? Колкав е пресметаниот ризик од тоа да ангажирате 10.000 лица, не да знаат, туку да бидат активен дел од овој изборен фалсификат. 1% на ризик на 100 лица, 5 % сигурно е на оваа бројка од 10.000, а тоа се 500 потенцијални кои можат да растурат се, со само едно откажување.
Но, теоретски да прифатиме дека и тоа е успешен дел од планот. И сега ако се согласиме дека владејачката партија нашла начин како да ги задоволи сите овие 10.000 лица, дали преку големи пари, бидејќи уцени за ова не помагаат, дали преку други начини, хипотетички и теоретски успеала.
Но, се прашал некој овде колку логика има во тоа. Таа бројка во најлош случај е една десетина од членовите на таа партија. Што значи дека тоа веќе не е таен план на „врхушката“, туку системско сценарио во кое мора да се има апсолутна доверба на сите играчи, па тоа еве нека е и на само 5% од членовите на таа партија. Бидејќи за да се сработи ова сценарио треба дебела лојалност и дебела потчинетост.
И пак хипотетички, иако логика нема никаква. Значи партијата нашла начин и обезбедиле 10.000 лица лојални до коска… ама до коска во буквална смисла на зборот. Во ред… Но, може некој да ми каже кој во Македонија, на ваков лојален начин, во кој се бара реализација на сценарио за тежок криминал, а за кој е предвидена затворска казна и до три години, контролира толку луѓе? Знаете што значи ваква бројка на лојални луѓе…? Ако тие во еден ден гласаат на 20 места, може само да замислите што можат 10.000 лица да направат, ако од нив биде побарано нешто друго… Тие со таква лојалност се подготвени да отидат секогаш и секаде. За споредба МВР во Македонија има околу 12.000 униформирани лица.
Не, нема потреба од паника, затоа што тоа во теоријата може да е така, ама во пракса во политика два и два не се секогаш 4…. обично се 3, а не пет… Така што… бидете спокојни, ниту Ал Капоне не контролирал толку лојални луѓе…
Има уште еден елемент кој и оваа бројка од 10.000 хипотетички фантоми гласачи со по 20 лични карти ја прави дополнително нелогична и невозможна.
Ако во Скопје, на релација од Ѓорче Петров до Катланово, едно лице хипотетички може да се појави на 20 избирачки места и да не биде откриено, поради нели големината на градот и бројноста на населението, во Каменица, Виница, Делчево, Берово, Пехчево, Демир Хисар, Крушево, Теарце, Бравеница, Брод, Дебар, Ресен, Неготино, Росоман, Градско, Облешево, Паланка, Кратово, Удово, Валандово, славна Гевгелија, или во над 80 проценти од градовите во Македонија нема теоретски шанси да дојде некој од страна и да гласа.
Зошто? Знаете како би изгледало, на пример лице од Велес да дојде во Пехчево и уште на 19 други места и да гласа и уште 10.000 такви како него да дојдат и да гласаат? Во 80 проценти од градовите во Македонија луѓето меѓусебно се знаат и се познаваат, што пак реализацијата на такво сценарио, ова го прави далеку од здравиот разум.
Поконкретно. Во едно избирачко место на пример во град како Делчево има околу 500 до 800 гласачи и тоа во најголемите избирачки места. Тоа се средини во кои сите што се на списокот, а кој претходно го имаат и партиите, им се познати на сите. Практично се знае и кој за кого гласа и дали гласа. И сега сакате да кажете дека некој од страна дошол како фантом и гласал во тие средини за власта? Ок… еве прифаќам. Дошол и гласал, но како тоа поминало не евидентирано.
Да не заборавиме дека на секое избирачко место опозицијата има двајца членови во избирачкиот одбор и уште најмалку двајца партиски набљудувачи на тие избирачки места. Тоа се локални партиски активисти. Или математички, опозицијата има на секое избирачко место по најмалку 4 контролори. Или во 3480 избирачки места, се вкупно 13 920 контролори, кои за да не забележат вакво фалсификувачко сценарио, веројатно мора да се дебело купени од власта, или да се дел од истото. Значи на оние 10.000 имаме уште околу 14.000 соучесници во изборен фалсификат. Машала… Ако имаме опозиција на која власта може да и ги купи сите контролори и членови на избирачките списоци, тогаш ние имаме сериозен проблем. Така опозиција веројатно и не ни е ниту потребна.
Но, ајде да не застанеме тука, туку да одиме понатаму и да ги исклучиме овие градови и да бараме логика и сомнеж во други, поголеми градски средини.
Теоретска можност за такви појави може да има во најмногу пет до десет града во Македонија. Скопје, Куманово, Битола, Тетово, евентуално Велес и Прилеп, Охрид, Струмица Кавадарци… иако и таму гласачките места се на ист принцип до максимум 1000 гласачи, маалски средини во кои секој новодојден лесно може да се забележи. Но ете, да се согласиме дека теоретски е можно.
Но, тоа сега драстично го менува бројот и на активирани лица во тој процес и на можноста за повеќекратно гласање на едно лице. Ако еден „фантом“ треба да оди од еден до друг град. Од Скопје до Прилеп или од Тетово до Куманово и ред други локации, тогаш можноста за повеќекратно гласање се сведува на не повеќе од пет до 8 пати во најидеални услови.
Тоа пак математички значи дека за таа операција се потребни многу повеќе од оние 10.000 „фантоми“ – тешко лојални активисти.
Во најдобра варијанта, можеби најмалку 25.000. Хммм… Според официјалниот податок на Пентагон ИСИЛ има околу 30.000 членови, чисто за споредба.
Во сето ова, веројатно најјасно и можеби потврдено е само едно, а тоа се гласачите од Пустец, кои ги има и во Центар во Скопје, но и во Ресен. Но тие не се „фантомои“. Тие се лица со идентитет и запазено елементарното изборно правило едно лице еден глас. Многу работи овде можат да се спорат и без разлика дали се 10 или 500, тој проблем мора да се реши иако тие луѓе имаат право на глас, како државјани на Македонија.
Не за друго. Идејата на оној кој решил да ги ангажира, не само што се покажа како погрешна, туку и глупаво непотребна. Центар е загубен од власта…
А да… и Струмица и Куманово. Таму не стасаа фантомите да гласаат или што беше работава?
Марјан Николовски – новинар
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа