Веш машина

 

Опааа! Слушаме добро, или? МВР му поднесе кривична пријава на Бобо Дајнерс. Поточна локација, сопруг на Радмила Шеќеринска. Дали е ова расчистување со криминалците во сопствените редови од страна на СДСМ? Внатрепартиска пресметка, или ова се делови од МВРО кои што техничкиот министер сеуште не ги ставил под контрола?

По се изгледа дека не е ниту едното ниту другото, туку криминалот е евидентен и очигледен, видлив дури и од сателит.

Очигледно е, дека Бобо на Рада, преку кирии за сопствени станови исплаќал на себе си и на мајка си, дел од плата, и со тоа правел кривично дело перење на пари, прикривање на даноци и придонеси. За овие 300.000 евра кои вкупно ги земал, тој платил само персонален данок, но не и придонеси за пензиско и инвалидско, придонес за здравствено осигурување, и придонес за осигурување во случај на невработеност.

За ова зборував пред три години, и за таквото мое тврдење Бобо ми поднесе кривична пријава за клевета и навреда, и дури бараше и оштета.
По принципот на онаа народната „и рекол некој на мечката дека црн и бил задникот, а таа се навредила и почнала да урла на сите страни“ е така на другарот Бобо му кажав дека сите нас пробува да не направи будали, а тој мене на суд. И не само тоа, туку тој дури и побрзал кај невропсихијатарот Тони Новотни да добие уверение „штанцано“ на гештетнер, во кое тој дијагностицирал дека човекот многу пател, имал душевна болка, многу бил навреден од моите зборови, небаре полудел.
Епа кој не би побудалел…да земаш 5.700 евра за стан во Скопје, и 860 евра за стан од 50 квадрати во Охрид, и тоа секој месец, и наеднаш да те фатат жив, и овие „евриќи“ да ти секнат….

Кој не би паднал во севдах, и кој не би одел на психиатар.

Интересно беше што на судењето, големиот „господин“ не се појавуваше, туку праќаше правни застапници, па дури и последниот пат неговата правна застапничка не извести, дека од секретарката дознала дека „господинот“ Бобо е на пат надвор од земјата. Замислете, имал и секретарка. А, кутрата застапничка сакаше да не фасцинира во судот.

Јас постојано тврдев, дека не значи дека ако не си осудуван, не си притваран, дека не си перел пари. И, еве ја кривичната пријава од МВР до Обвинителството. Но, не ми е јасно, зошто не се бара притвор. Ако за кутриот Едмонд Темелко, онака болен и искривен се плашиме дека може да ни избега, незнам зошто „господинот“ Бобо здрав и прав не би можел да ни побегне.

Е сега, повторно ке ве потсетам на мојата претходна колумна, кога смешната Шеќеринска им велеше на граѓаните на Радовиш дека не се живее со 8.000 денари плата, и сега ќе повторам.
Да Радо, не се живее со 8.000 денари, но ти Радо кажи им како се живее со 5.700 евра од станот во Скопје и 860 евра од станчето во Охрид.

Чудна е оваа предизборна кампања каде што ситиот го разбира гладниот. Но не можам да сватам, како ситиот не разбира зошто рејтингот му е на помалку од половина од владеачката партија.

Одговорот е едноставен:
Народот ја препознава лагата и дволичноста, неискреноста. И на тие им вели, вас местото ви е во опозиција. Изборите не ги добиваат фолиранти. Едниот го видовме на снимка во Струмица, како Ал Пачино во „Кум“, со цигара во уста, тресе пепел во пепелникот во канцеларијата на градоначалникот, и вели „парите однесете ги кај Вицето“, а другата нелегално секој месец со својот „лепотан“ преку нивната веш машина си переле по 6.500 евра.

Добар двоец, нема што, ама без кормилар.

Стевчо Јакимовски

 
 
17.02.2016 - 10:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега