Промоција на четири тома од ракописната оставнина на Шатев

 

Денеска во Музејот на Кратово ќе бидат промовирани четири тома од пишаната оставина на македонскиот револуционер, национален деец и државник Павел Шатев, во чест на 15 јули, денот кога е роден.

Четирите тома: „Историја на Македонија“, „Борис Сарафов – биографија“, „Спомени“ и „Полициско досие (досие УДБА)“ се објавени од Друштвото за издавачка дејност „Македоника“ од Скопје и Државниот архив на Република Македонија, во превод на Предраг Димитровски, а стручната редакција и предговорот се на проф. д-р Зоран Тодоровски.

Павел Шатев е непосреден учесник и активен сведок на речиси сите етапи на македонското револуционерно минато: учесник во солунските атентати во 1903 година; активист во организациите на македонската емиграција во Бугарија и член на раководството на Македонската емигрантска федеративна организација и на ВМРО (Обединета). По ослободувањето на Македонија се вклучил во државниот и политичкиот живот на новата македонска власт со членувањето во АСНОМ, како член на првата влада на Федерална Македонија, како министер за правосудство, потпретседател на Президиумот на АСНОМ и сојузен пратеник во Уставотворното собрание на Југославија.

- Неговата голгота почнува во моментот кога е македонски државник – по Резолуцијата на Информбирото и по судирите со новата комунистичка власт, која во тој период ги прогонува македонските интелектуалци, идеолошките неистомисленици и национални авторитети кои биле на одредени функции.... токму во слободната татковина, трагично ќе го заврши својот живот, со апсење, затворање, сослушување и интернирање во домашен притвор. По преживеаните две смртни казни од други држави (Османската Империја и Бугарија), смртта ќе го снајде по тортурата од државата за која се бореше и поради што беше осудуван на смрт, посочува издавачот на оставнината на Шатев.

Павел Шатев умрел во затворската болница во Битола на 29 јануари 1951 година.

ФОТО: Дневник

најчитано сега