Груевски со честитка до исламските верници за Рамазанските пости
Премиерот Никола Груевски по повод започнувањето на Рамазанските пости денеска упати честитка до претседателот на Исламската заедница во Република Македонија Реис Ул Улема Хаџи Сулејман Ефенди Реџепи, до членовите на Ријасетот и до сите верници од исламската вероисповед во државата.
- Месецот Рамазан за сите муслимани е месец на нагласената Божја присутност во срцето и домот на секој верник, а особините кои ги проследуваат рамазанските пости се од големо значење за верниците, но и од општо значење во животот на секој човек. Воздржувањето од лоши мисли, од лоши дејствија и пороци, насоченоста кон молитвите, помагањето на блиските, на немоќните, на повеќе или помалку познатите, почитувањето, се доблести кои се универзални и потребни на секој човек, за да биде подобар, поисполнет и посреќен во својот живот, вели Груевски во честитката.
Токму затоа, како што додава, ваквите празнувања придонесуваат кон зближување на различните ентитети кои живеат во нашата земја, и ја засилуваат заложбата на сите граѓани за овозможување на напредок базиран на системот на вредности во сите општествени сфери во Република Македонија.
- Ја користам приликата Вам и на сите верници од исламска вероисповест да ви посакам радосни празнични денови и позитивните особини да ве пратат за време на целата година и за време на целиот ваш живот, стои во честитката од премиерот Груевски.