Димитровски го реконструира Кочани
Градоначалникот на Kочани Ратко Димитровски денеска даде отчет за сработеното во првите 80 дена од новиот мандат.
Осврнувајќи се на реализираните проекти, Димитровски истакна дека реконструирани и асфалтирани се повеќе улици, се поставуваат дренажни цевки и потпорни ѕидови, се гради армирано-бетонски мост во село Полаки, се санираат ударните дупки низ целиот град за што се потрошени 150 тони асафалт, изградена е канализациска мрежа во село Оризари, почната е очекуваната канализација во село Нивичани, преуреден е тротоарот покрај кејот на Кочанска Река, во Градскиот парк поставени се нови клупи, канделабри и канти за отпад.
Обезбедена е донација од Владата на Јапонија во висина од 50.000 евра за возило за собирање смет.
Според Димитровски, пред два месеца се заменети пумпите во препумпната станица и во бунарскиот систем на КЈП „Водовод“, а се менува и главниот потисен цевковод во должина од 1,3 км, продолжуваат активностите Пониква да прерасне во атрактивен спортско-рекреативен туристички центар. - Со еден милион евра од МЕПСО се гради терен за зимски спортови, за сноу-борд парковите и патеките за скијање поставено е осветлување, се гради и мала акумулација за машините за вештачки снег, посочи градоначалникот.
Обезбедена е и донација на околу 1.000 примероци и 156 наслови од издавачката куќа „Просветно дело“ за училишната библиотека на „Крсте Мисирков“ во Оризари.
Димитровски најави дека Драмски аматерски фестивал и годинава доби поддршката од Општината.
ФОТО: Утрински