Општина Кисела Вода ги награди најталентираните од манифестацијата „Јас сум талент во моето училиште”
Да се покаже талентот, креативноста и посветената работа и едновремено да се промовира уривањето на бариерите и зближувањето на луѓето без оглед на нивните разлики - беше целта на манифестацијата “Јас сум талент во моето училиште”, која се одржа денес во ДУРДМОВ ,,Димитар Влахов‘‘, со поддршка од општина Кисела Вода.
- Оваа манифестација која веќе 5 години ја организираме како домаќини, произлезе како една заедничка идеја, моја и на професорот Бобан Спасенцовски со заедничка цел талентот да биде препознаен, надграден и награден, а инклузијата на децата со посебни потреби да се поттикне на што повисоко ниво. На наше задоволство, прифатена е од сите училишта кои ги поканивме да бидат дел од оваа манифестација. Интересот за учество е исто така навистина голем, што значи дека има навистина голем број на ученици кои имаат талент, а бараат простор и место кај што можат да го презнтираат- изјави Горанчо Јакимовски, директор на ДУРДМОВ ,,Димитар Влахов‘‘.
Заблагодарувајќи се на градоначалникот на општина Кисела Вода Билјана Беличанец-Алексиќ за континуираната соработка, тој истакна дека поддршката што општина Кисела Вода и ја дава на оваа манифестацијата е уште еден показател дека се работи за локална самоуправа која секогаш ги промовира еднаквите можности за секој поединец и вложува во креирање на еднакви услови за сите. Дополнително, ја истакна благодарноста што годинава Кисела Вода ги обезбеди паричните награди за првите три места.
Учениците од сите основните училишта од општина Кисела Вода, но и од ДУРДМОВ ,,Димитар Влахов‘‘, ДСУ “Наум Охридски” и ПОУ “Иднина” се претставија со музички точки, балетски точки, свиреа на музички инструменти, секој во она што е најдобар.
Жири комисијата во состав професор Милан Кацарски, професот Надица Јовановска и студентката на ФМУ Јана Серафимова, одлучи дека првoто место ќе му припадне на Горјан Арсов од ОУ Св. “Климент Охридски”, кој на кларинет се претстави со “Pastoralevarie”. Второто место го освои камерниот состав хармоники од ДУРМДОВ “Димитар Влахов”, додека третото го освои Ивана Чепуњоска од ООУ “Невена Георгиева Дуња” со модерен танц.
На победниците, покрај вредносниот ваучер од општина Кисела Вода, им беа доделени и пехари кои се донација од “Ротари клубот-Скопје”-Центар .
На затворањето на овогодинешната манифестација “Јас сум талент во моето училиште”директорот Горанчо Јакимовски истакна дека ако еден од главните мотиви на ова случување е запознавањето и дружењето на децата со посебни потреби со сите останати деца, тогаш настанот докажа и покажа дека целта е постигната.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа