Тевез верен на Јуве уште една сезона
Аргентинецот Карлос Тевез ќе остане во редовите на италијанскиот шампион Јувентус до истекот на договорот во 2016 година, а потоа ќе се врати во Бока Јуниорс, каде ќе стави крај на својата кариера, пренесе МИА.
Откако Тевез неодамна изјави дека својата кариера сака да ја заврши во својот матичен клуб Бока Јуниорс, претседателот на аргентинската екипа Даниел Анџелико најави дека клубската Управа е близу до потпишување на договор со 31-годишниот напаѓач.
Анџелико изјави дека сега одлуката е на Тевез, кој треба да го раскине договорот со Јувентус пред јуни 2016 година, на што одговори менаџерот на фудбалерот Адријан Рукамо, кој најави дека Аргентинецот е решен да остане во Јувентус до истекот на неговиот договор.
- Единственото нешто што е сигурно е дека Тевез сака да го почитува договорот со Јувентус. Ние сакаме да се избегне дополнителен притисок врз Тевез во еден клучен момент во сезоната за него и екипата, изјавил Рукамо за италијанските медиуми.
Притоа Рукамо потврди дека Тевез сака да стави крај на својата кариера во Бока, но кога ќе биде тоа останува да се види.
- Нема сомнеж за тоа. Тој изградил куќа во Буенос Аирес, реши да инвестираат во својата земја, сака да биде блиску до пријателите и семејството. Тој ќе биде таму, но ќе видиме кога, додаде Рукамо.
Карлос Тевез кариера ја започна во 2001 година во Бока Јуниорс, од каде во 2005 година се пресели во Коринтјананс, а една година подоцна потпиша за Вест Хем. Во Премиер лигата две сезони (2007-2009) го носеше дресот на Манчестер Јунајтед, а потоа и на Манчестер Сити, за во 2013 година да потпише договор со Јувентус.
Тевез е најдобриот стрелец во редовите на италијанскиот шампион, а за аргентинскиот национален тим досега одигра 66 натпревари и постигна 13 гола.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа