ФК Вардар: Осуда и гнев за нападот врз младинците

 

Фудбалскиот клуб Вардар жестоко реагира на немилите сцени што се случија по завршувањето на вчерашниот реванш полуфинален натпревар во рамките од младинскиот Куп на Македонија помеѓу ФК Шкупи и ФК Вардар, кога беа нападнати неколку деца, членови на младинската школа на „црвено-црните“.

- Со голем гнев и со жалење гледавме на она што се случуваше по последниот свиреж на судијата кога нашите фудбалери се упатуваа кон соблекувалната. Неколку неуниформирани лица влегоа и почнаа да ги удираат со боксови и клоци нашите деца, младинските фудбалери на ФК Вардар. Ние што бевме тука од нашиот тим не бевме толку бројни да реагираме. Нападнати се децата на Вардар, фудбалери помлади од 18 години. Четири наши фудбалери заработија повреди од боксовите и од клоците, сите фудбалери, стручниот штаб едвај спасуваа жива глава, стои во реакцијата на Вардар.

Од таму упатија јавно прашање до фудбалерите и раководството на ФК Шкупи дали и тие го имаа истиот третман на првиот натпревар од полуфиналето кога ФК Вардар беше домаќин?

- Одговорот е не. Беа пречекани на највисоко ниво и испратени кон своите домови и тие и нивните родители кои беа да го следат натпреварот. Ниту влакно не им фалеше. Што ќе се случеше на стадионот „Чаир“ ако ние победевме и влеговме во големото финале? На такво нешто не ни сакаме да помислиме. Тогаш ќе беше уште повеќе распалена и онака наелектризираната атмосфера како што беше во текот на целиот меч. Сигурно насилството ќе беше уште поголемо, е ставот на Вардар.

Раководството на вардарци замерува и на Фудбалската федерација на Македонија околу организациските пропусти на овој натпревар.

- Зошто ФФМ дозволува да се одигра натпревар без делегат, како што тоа беше случајот со денешниот натпревар Шкупи - Вардар? Зошто беа присутни само двајца полицајци кои се обидоа да реагираат, додека обезбедувањето ангажирано од страна на ФК Шкупи само гледач повеќе во сите случувања? Како обезбедувањето дозволи лица од трибините да влезат на терен и да ги нападнат нашите деца? Зошто немаше поголем број на полиција? Ова се прашања на кои бараме одговор од оние кои се надлежни во целата ситуација. 
За каков развој на фудбалот зборуваме кога на стадионите има „нула“ безбедност, па се дозволува да влегуваат лица и удираат деца без никаква милост...  Имаше и луѓе од Федерацијата на трибините. Самите се уверија во она што се случуваше, и сега очекуваме да превземат драстични мерки околу овој инцидент, реагира ФК Вардар.

Со верување дека виновниците ќе бидат најдени и санкционирани ФК Вардар најави поднесување кривична пријава против сторителите на ова дело, а за повредените деца очекува да добијат соодветна материјална отштета при судската пресуда.

 

 

Оцени ја веста

16.04.2015 - 09:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега