ФК Вардар со осуда и гнев за нападот на младинците!
После завршувањето на вториот полуфинален натпревар во рамките од младинскиот Куп на Македонија помеѓу ФК Шкупи и ФК Вардар, се случија немили сцени по кои жестоко реагираме затоа што беа нападнати неколку деца, членови на младинската школа на ФК Вардар.
Со голем гнев и со жалење гледавме на она што се случуваше по последниот свиреж на судијата кога нашите фудбалери се упатуваа кон соблекувалната. Неколку неуниформирани лица влегоа и почнаа да ги удираат со боксови и клоци нашите деца, младинските фудбалери на ФК Вардар. Ние што бевме тука од нашиот тим не бевме толку бројни да реагираме.Нападнати се децата на Вардар, фудбалери помлади од 18 години. Четири наши фудбалери заработија повреди од боксовите и од клоците, сите фудбалери, стручниот штаб едвај спасуваа жива глава.
Што ќе кажат родителите на децата кои беа присутни на стадионот и ги гледаа своите синови како се удирани со боксови и клоци. Дали следниот пат ќе ги пуштат своите синови уште еднаш да играат на натпревари? Знаете ли Вие што значи за еден родител на дете да гледа како му го удираат детото, а, притоа не е моќен ништо да стори?
Јавно да ги прашаме фудбалерите и раководството на Ф.К. Шкупи дали и тие го имаа истиот третман на првиот натпревар од полуфиналето кога Ф.К. Вардар беше домаќин? Одговорот е не. Беа пречекани на највисоко ниво и испратени кон своите домови и тие и нивните родители кои беа да го следат натпреварот. Ниту влакно не им фалеше.
Што ќе се случеше на стадионот „Чаир“ ако ние победевме и влеговме во големото финале? На такво нешто не ни сакаме да помислиме. Тогаш ќе беше уште повеќе распалена и онака наелектризираната атмосфера како што беше во текот на целиот меч. Сигурно насилството ќе беше уште поголемо.
Зошто Фудбалската федерација на Македонија дозволува да се одигра натпревар без делегат, како што тоа беше случајот со денешниот натпревар Шкупи - Вардар? Зошто беа присутни само двајца полицајци кои се обидоа да реагираат, додека обезбедувањето ангажирано од страна на ФК Шкупи само гледач повеќе во сите случувања? Како обезбедувањето дозволи лица од трибините да влезат на терен и да ги нападнат нашите деца? Зошто немаше поголем број на полиција? Ова се прашања на кои бараме одговор од оние кои се надлежни во целата ситуација.
Фудбалската федерација на Македонија кажува дека се залага за развој на младинскиот фудбал. Вака ли ќе се развива фудбалот ако на тој стадион се применува насилство и тоа не е прв пат? За каков развој на фудбалот зборуваме кога на стадионите има „нула“ безбедност, па се дозволува да влегуваат лица и удираат деца без никаква милост... Имаше и луѓе од Федерацијата на трибините. Самите се уверија во она што се случуваше, и сега очекуваме да превземат драстични мерки околу овој инцидент.
Бараме да бидат најдени и казнети виновниците во целиот случај, ФК Шкупи да ги сноси последиците и санкциите за овој немил настан, а Фудбалската федерација да се заинтересира и да види што се случува во младинските категории и да работи на заштита на фудбалерите, на децата.
Детето е најсветото нешто на овој Свет. Ако ние не си ги штитиме нив, ако врз нив применуваме насилство, тогаш каква иднина ќе има нашата земја? За фудбалот и воопшто да не зборуваме, затоа што на Чаир денеска имаше се, само фудбал не.
Бараме органите на државната управа да превземат соодветни дејствија, а Ф.К. Вардар ќе поднесе кривична пријава против сторителите на ова дело. Нашите деца ќе добијат соодветна материјална отштета при судската пресуда покрената од Ф.К. Вардар.
Ние како клуб имаме намера да се бориме до крај и нема да дозволиме да се применува насилство во фудбалот, особено не врз децата. Тоа е тешко дело кое треба да биде казнето и најостро санкционирано.
Ф.К. Вардар
Милошевски: Децата беа нападнати без никаква причина
Свое видување околу целиот инцидент даде и координаторот на младинските школи во Ф.К. Вардар, Саше Милошевски.
„По завршувањето на натпреварот од трибината влегоа неколку лица и ги нападнаа нашите деца без никаква причина. Се прашувам само зошто? Победија 2:0, што ќе се случеше ако ние победевме? Имаме повредени четири играчи меѓу кои Николовски, Абази, Реџепи и Мемеди кои беа удирани. Ги нападнаа и удираа со клоци и со боксови децата. Во целата несреќа е среќа што некако успеаја да ги смират. Инаку ќе беше уште потежок инцидент“.
Георгиевски: Тоа беше хорор
За целиот инцидент коментар даде и тренерот Петар Георгиевски.
„Децата ќе имаат трајни последици, односно трауми после она што се случи. Се тресеа после натпреварот и едвај успеав да ги смирам, но мислам дека после ова тешко ќе успеам да ги вратам. Мора некој да сносни последици за она што се случи. Ваков хорор искрено не очекував. Тие беа подготвени да влезат и да не нападнат. И кога имаа водство, од трибината ни се закануваа дека нема да си одиме. Во текот на целиот натпревар трпевме закани и фудбалерите беа заплашени. Некако успеавме да ги мотивираме да играат без страв, иако беше многу тешко./ Беа подготвени да не линчуваат. Се прекачија преку оградата и не нападнаа, а четири деца се удрени и тоа сериозно. ФФМ ќе мора да превземе нешто затоа што ова не е прв пат да се случи вакво нешто на Чаир. И покрај тоа што беа казнувани, продолжуваат по старо и очигледно треба ригорозни казни.
Посебно ми е жал за децата кои ќе имаат последици, особено што станува збор за момци помлади од 18 години, и навистина не знам како ќе успеат да го заборават овој немил настан. Верувајте дека и јас уште се тресам и не можам да се смирам“, рече Георгиевски.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа