Немаше кошарка во Скопје и во Куманово
Двата натпревара од 2.коло од кошаркарската Супер лига Работнички - Карпош Соколи и Куманово - Кожув што требаше да се одиграат вечерва не се одиграа. Според најавите на управите на КК Работнички и на КК Куманово (домаќини на натпреварите) нивните играчи не се појавија во салите. За разлика од нив гостинските екипи КК Карпош Соколи и КК Кожув со играчите беа во закажаните термини пред салите, кои беа заклучени. Присутни беа и официјалните лица.
Управата на КК Куманово во текот на вчерашниот ден преку соопштение побара комплетното второ коло да биде одложено, за да не се крши Законот за спорт, бидејќи Карпош Соколи како клуб навреме не е пререгистриран во Акционерско друштво.
Ваквата реакција на клубовите е поради тоа што Комисијата за натпреварување при Македонската кошаркарска федерација (МКФ) дуелот од првото коло Карпош Соколи – Куманово го регистрира со служен резултат 20:0 за Карпош Соколи.
На Работнички и на Куманово им се заканува и автоматска преселба во понизок ранг на натпреварување, откако вечерва не ги одиграа закажаните натпревари од Суперлигата против Карпош Соколи, односно против Кожув бидејќи тоа би значело втор загубен натпревар за двата тима со службен резултат.
За утре е закажан натпреварот меѓу МЗТ Скопје Аеродром и Фени Индустри.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа