2.000 македонски деца се питачи

 

Денеска во Македонија, под мотото „Да ставиме крај на злоупотребата на детскиот труд во домаќинствата“ се одбележува 12 јуни - Светскиот ден против злоупотребата на детскиот труд.

Целта е да се подигне свеста и да се потенцира маката на 15,5 милиони деца низ светот - домашни работници што е повеќе од четири проценти од сите деца чиј труд се злоупотребува.

Во Република Македонија, според оценката на Првата детска амбасада „Меѓаши“, состојбата со злоупотребата на детскиот труд се уште е алармантна, иако државата е потписник на Конвенцијата против најлошите форми на злоупотреба на детскиот труд. Актуелен е проблемот со децата на улица чија бројка, според истражувањата спроведени од страна на Министерството за труд и социјална политика, е во постојан пораст и изнесува околу 2.000. Една од причините поради која децата се злоупотребуваат е и сиромаштијата поради која тие го напуштаат училиштето и почнуваат да питаат и собираат пластични шишиња помагајќи му на тој начин на семејството. 

Злоупотребата на детскиот труд не значи само физичка работа, туку и комерцијална и сексуална злоупотреба, како и трговија со деца и деца војници. Во светот има приближно 246 милиони деца на возраст од 5 до 17 години чиј труд се злоупотребува, а од нив околу 186 милиони се деца на возраст под 15 години, додека 110 милиони се деца под 12 години кои работат со полно работно време и во лоши работни услови.

Меѓународниот ден против злоупотребата на детскиот труд се одбележува со низа манифестации во околу 60 земји од светот. Некои од најголемите светски музичари се приклучија кон иницијатвата наречена Музиката против експлоатацијата на детскиот труд. 

најчитано сега