Јанкулоска: Само со заедничко дејствување до ефективна борба против криминалот
Република Македонија и натаму останува свесна дека прашањето на безбедност претставува заедничка грижа на сите земји во светот. Целосно ја поддржуваме и промовираме идејата дека успешните стратегии за борба против криминалот, особено за организиран криминал и тероризам кои сериозно и директно ги загрозуваат државите, може да бидат ефективни само доколку се спроведуваат со заедничко дејствување, меѓународна соработка, навремена размена на информации и постојана будност во однос на преземање мерки и акции.
Ова го истакна министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во своето денешно излагање на 83 Генерално собрание на Интерпол што од вчера се одржува во Монако, Франција, а под мотото - “Одвраќање на криминалот - 100 години меѓународна полициска соработка“.
Јанкулоска говорејќи во рамки на втората панел дискусија посветена на - засилувањето на полициската соработка преку законската регулатива, политиките, технологијата и техниките на работење - нагласи дека “Република Македонија, особено Министерството за внатрешни работи е активно вклучена во сите регионални и меѓународни иницијативи и организации за спроведување на законот со надлежност и крајна цел - справување со криминал, особено организираниот транснационален криминал и тероризмот“.
Покрај ова, министерката истакна дека институциите за спроведување на законот отсекогаш ги прифаќале промените и еволуирале за да останат еден чекор понапред пред криминалците.
-Примената на нови технологии во практикувањето на спроведување на законот, направи револуција во капацитетите на полицијата за ефективно да одговори на криминалот и проактивно да ги идентификува проблемите, да ги анализира нивните причини и да развие стратешки планови, потенцираше Јанкулоска.
Притоа посочувајќи низа од новите техничко-технолошки стандарди и практики што како инвестиции во изминативе неколку години се имплементирани во секојдневното работење на македонската полиција, како во делот на форензиката, така и во делот на подобрување на информатичко-комуникациските капацитети и перформанси на полициските служби.
Според министерката за внатрешни работи неопходно е во ова време на технолошки напредок спроведувањето на законот постојано да се еволуира за да ја исполни својата основна задача - да обезбеди сигурност.
Инаку пред делегатите на 83 Генерално собрание на Интерпол на кое што присуствуваат министри и високи полициски функционери од над стотина земји во светот се обрати и принцот Алберт од Монако, во својство на домаќин на собирот којшто истакна дека -"растот на економската трговија и слободното движење на луѓето бара силна реакција од страна на полицијата, излегувајќи надвор од границите на државите, така што истите нема да бидат претекнати од активностите на злонамерни поединци кои ги користат предностите на нашиот глобализиран свет".
Според принцот Алберт - денес, ИНТЕРПОЛ е најефективната структура за борба против транснационалниот организиран криминал. “Вашата размена и дискусии ќе ви овозможи да се проценат мерките извршени во текот на изминатите години, особено за подобрување на капацитетот на полицијата, односно да ги прилагодат нивните методи за нови видови на кривични дела поврзани со напредокот на технологијата ", нагласи тој во своето обраќање.
На Генералното собрание предвидени се шест панели на коишто ќе се дискутира за - “еволуција и експанзија на организираната полициска соработка“, “100 години на колективна борба против транснационалниот криминал“, “градење на посилни институции за национална и меќународна полициска соработка“, “современи криминални закани и нови предизвици во полициската соработка“ и “соработка со јавниот и приватниот сектор – нови партнерства за посигурен свет.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа