Скопска премиера на филмот „До балчак“
Најновото филмско остварување „До балчак” на режисерот Столе Попов вечер премиерно ќе биде прикажан во Скопје во киното „Милениум“.
„До балчак” или Приказна од Дивиот исток е историски спектакл. Приказната се случува во првата декада од 20 век. Тоа е сурова, романтична љубовна приказна во која вечната македонска кауза за сопствен идентитет и самостојност е видена од агол на поединецот.
Сценариото на филмот е на Горан Стефановски, продуцент е Данчо Чеврески. Во филмот настапуваат Сашко Коцев, Тони Михајловски, Мартин Јордановски, Сенко Велинов, Инти Шрај, Драган Спасов, Гораст Цветковски, Владо Јовановски, Ана Костовска и други.
„До балчак” се снимаше летото во 2012 година на локации во Битола, Скопје, Демир Хисар, Охрид, Штип и Прилеп. Филмот премиерно беше прикажан на 14 септември на 35. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.
По скопската премиера, филмот ќе биде на редовниот репертоар на киното „Милениум“, а од почетокот на идната недела ќе се дистрибуира во сите градови во Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа