Спасов: Построги казни за сторителите на семејно насилство, поголема грижа за жртвите

 

Македонија го следи примерот на европските земји. И ние наскоро ќе имаме нов закон за спречување, превенција и заштита од семејното насилство.

Овој закон го подготвува министерството за труд и социјална политика, а министерот Диме Спасов гостуваше во дневникот на МРТ, каде ги образложи новитетите.

-Еден од сегментите на новиот закон е заострување на мерките и казните спрема сторителите. Досега праксата беше да се отстрануваат жртвите и да се сместуваат во посебни шелтер центри. Со самиот предлог-закон повторно се овозможува да постојат овие центри кои ќе овозможуваат заштита на жртвите. Меѓутоа, она што е суштинско важно и слично на австрискиот систем и на повеќе европски земји, е можноста за судот по итна постапка, по пријава на полицијата, доколку постои опасност по животот на жртвата или членови на семејството, да се отстрани сторителот на семејно насилство од домот како привремена мерка, во најмал временски период од 14 дена со можност да се продолжи. Многу е важно што во овој закон се предвидува казна за непочитување по судската одлука. Казната изнесува и до 5000 евра, рече Спасов за МРТ.

Дополнително, се предвидува и економски јакнење на жртвата, односно поврзување на центрите за социјална работа со центрите за вработување.

- Центрите за вработување ќе имаат надлежност и законска обврска да и овозможат на жртвата што е можно побрзо и полесно да влезе во пазарот на труд, да се вклучи во најразличните обуки кои се организираат преку АВРМ, да одржува постојани контакти. Така ќе се зголеми спремноста за работа на жртвата која вака побрзо ќе може да дојде до работно место и тоа ќе и овозможи економска стабилност, рече тој.

Министерот Спасов истакна дека во последниве години е зголемена свесноста кај жртвите дека треба да го пријават насилството. Овој закон очекува дека сигурноста во системот кај жртвата уште ќе се зголеми, поради строгите мерки. Мерките се најстроги ако жртвата е дете или ако насилството се случува пред очите на малолетни лица.

Годишно има над 800 пријавени случаи, а за над 200 се изрекуваат судски постапки за привремени мерки за заштита.

04.07.2014 - 20:31
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега