ОБСЕ со слични забелешки и за изборите во Загреб: Опозицијата ги призна резултатите

 

Преголем избирачки список во однос на бројот на жители во согласност со пописот, мртви во евиденцијата, нарушена тајност на гласањето, предвремена кампања...Ова не се забелешките на ОБСЕ/ОДИХР за македонските избори иако звучат слично, тоа се забелешките што меѓународните набљудувачи редовно ги констатираат и за последните неколку избори во Хрватска, пишува весникот „Дневник“.

opozic

 И во нивните извештаи има изборни единици со непропорционален број гласачи, при што не сите народни избраници се избираат со еднаков број гласови, барање за професионализација и стручност на изборните органи, неприкажување на сите трошоци од страна на партиите во кампањата, нереални попусти за политичко рекламирање во телевизиите и во весниците ...Kако и тука и таму одвреме-навреме во јавноста се говори за измени во изборното законодавство, но за разлика од кај нас, во Хрватска, инаку членка на НАТО и на ЕУ, ретко кога има политички преговарања пред избори за кроење на изборните закони или, пак, не признавање на изборите. Напротив, Хрватска важи како држава-пример во нашите евро-атлантски интеграции.

ОБСЕ/ОДИХР мониторира хрватски избори уште од 1997 година, а последните извештаи се оние за парламентарите избори во 2011 и претседателските во 2010 година. Ако се отворат овие документи, ќе се види дека забелешките се пренесуваат од извештај во извештај со мали модификации. 

Незаинтересирани ни СДП ни ХДЗ, но ни ЕУ ни ОБСЕ

Изразот „фер и демократски“ кој стана клучен за (не)признавање на изборните резултати во Македонија, го нема ниту во хрватските рапорти. Сепак, таму ни ХДЗ (Хрватска демократска заедница) ни СДП (Социјалдемократска партија) независно која од нив била на власт, а која во опозиција не излегла со став дека не ги признава резултатите. Двете најголеми партии за измени на изборното законодавство разговарале само двапати во една и пол деценија и тоа кога го носеле Законот за избор на пратеници во хрватскиот Собор во 1999 година, и за измените во 2010 година за гласање на дијаспората и за финансирање на политичките партии, но не и за останатите забелешки на меѓународната мисија. Хрватска досега не трпела некои поголеми критики од ОБСЕ/ОДИХР или пак, од ЕУ за ваквата недоследност во спроведувањето на препораките, ниту пак, самите партии меѓу себе премногу се критикувале за лошо спроведени избори. Прашањето за подобро изборно законодавство најчесто го отвора невладината ГОНГ, слична на нашата МОСТ. Таа и пред три дена се обиде да иницира законски измени во изборните закони, но тоа остана не слушнато од партиите, пишува ДНевник.

- Ако оваа влада не сака да го менува изборното законодавство, прашање е дали е подготвена за какви било реформи. Не сме задоволни од реакцијата на главната опозициска партија. Баравме на состанок во ХДЗ, не го добивме – вели Драган Желиќ, директор на ГОНГ за хрватските медиуми за нивната последна инцијатива за измени.

Слични забелешки и решенија

Македонија и Хрватска се слични во делот на точноста на избирачкиот список. Македонија досега спроведе три акции преку мешовити работни тела составени од експерти, влада и опозиција за бришење десетици илјади запишани гласачи, ги воведе биометриските исправи како критериум за да се гласа, а доби и неколку експертизи од ОБСЕ на оваа тема. Хрватска ја отвори оваа дебата само еднаш, пред изборите во 2011 година која не заврши со некои конкретни решенија. Ако Македонија делумно е прекорувана дека нема доволни гаранции за принципот еден гласач - еден глас, Хрватска е прекорувана за уште поголемо прекршување – тајност на гласањето. Имено, на парламентарните избори припадниците на националните малцинства во оваа држава од регионот гласаат на избирачки ливчиња во различна боја од регуларните доколку се одлучат да гласаат за некоја од етничките партии. И додека ние за оваа забелешка воведувавме изборни легитимации во 90-тите, невидливиот спреј до пред една година, и видливо маркирање на палците сега, Хрватска с` уште ништо не направила на овој план. И Хрватска и Македонија неколку години имаат закони за финансирање на политичките партии. Правилата се речиси исти и забелешките по оваа основа се исти – нема точна евиденција за сите приходи на партиите, не се прикажуваат реалните трошоци, особено за медиумските попусти, не се даваат навреме финансиски извештаи. Македонија направи промени во 2011 и 2013 година и во овој дел. 

Хрватска останува поригидна од Македонија во делот на организацијата на изборната администрација. Таму највисокото изборно тело не е професионализирано, односно половина состав се судии од Врховниот суд, а половина членови се избираат во парламентот. Во Хрватска нема ни законски лимит за тоа колку од кандидатите на листите треба да бидат жени.

04.07.2014 - 10:15
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега