Груевски и владината делегација денеска во Гвангжу

 

Владината делегација на чело со македонскиот премиер Никола Груевски, во рамки на престојот во НР Кина, денеска ќе го посети градот Гвангжу.

Гвангжу е седиште на мултинационалната компанија „Веибо“ која одлучи да инвестира во Македонија и да отвори фабрика во североисточниот реон која ќе отвори околу 5.000 работни места. Планирано е владината делегација да се сретне и со политичките претставници на регионот Гуангдонг.

Владината делегација вчера оствари посета на Специјалниот административен регион Хонг Конг, каде Груевски се сретна со претседателот на Извршниот совет на Хонг Конг, Ленг Чун-јинг, а ја посети и хонгконгшката болницата Квин Мери (Queen Mary), при што беше договорено македонски доктори и медицински персонал да одат на обука и едукација во болницата. „Фајненшл Тајмс“ организираше и бизнис форум на кој беа претставени поволностите за инвестирање во Македонија.

Бизнис форум се одржа и во Сеул, Република Кореја каде владината делегација ги презентираше поволните услови што им се нудат на инвеститорите во Македонија.  

Посетата на азискиот континент стартуваше со престој во Јапонија каде Груевски се сретна со принцот Нарухито и со премиерот Шинзо Абе. Беа промовирани поволностите за инвестирање, а во функција на овозможување на услови за соработка во областа на здравството, беше реализирана и средба со менаџерскиот тим на болницата Токио Џенерал Хоспитал.

04.07.2014 - 10:02
Фото: 
MIA
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега