Мицкоски: Владата ќе реагира по укинувањето на Центарот за македонски јазик во Лерин

Владата ќе реагира по укинување на Центарот за македонски јазик во Лерин по одлука на апелацискиот суд во Кожани, Грција.

-Апсолутно. Тоа е уште еден показател дека за добрососедството само нашата страна се грижи, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање. Вели, нема да дозволи да биде вовлечен во политички игри.

-Тоа нема да нè обесхрабри. Јас сум свесен дека таму им се потребни провокации за да ние изреагираме реципрочно и да направиме нешто кое што нема никаква врска со нашите интереси, односно остварување на втората наша цел, а тоа е полноправно членство во ЕУ. Уште еднаш нашите партнери од ЕУ можат да сведочат на непочитување на договореното од страна на нашите соседи иако јас сум свесен дека тие ќе се вадат, дека е тоа е судска одлука. Но, нашинците ја имаат нашата поддршка и ќе ги поддржиме во барање на нивното право. Ние како политичари можеме да дадеме логистика, тука е и Европскиот суд за човекови права, така што тие ќе ја имаат апсолутно нашата поддршка. Нема да реагираме како во минатото. Свесни сме дека сè ќе направат нашите соседи за да нè вовлечат во нивната внатрешна политичка расправа и ќе ја направат Македонија како тема, но ние сме одговорни и зрели и тоа нема да го дозволиме, рече премиерот Мицкоски.

Судот во Кожани деновиве донесе одлука со која се поништува регистрацијата на Центарот за македонски јазик во Лерин. 

Активистите од Центарот во изјава за „МКД.мк“ најавија дека ќе се жалат до грчкиот Врховен суд и до и до Судот за човекови права во Стразбур.

Центарот за македонски јазик во Грција е формиран 2022 година како невладина организација/здружение со одобрение од грчкиот суд, со што стана првата организација, која директно се грижи за македонскиот јазик, која што е регистрирана и призната од грчките државни органи.

Лани, во март, Основниот суд во Лерин, во две посебни одлуки, официјално одби повеќе барања/тужби за поништување на првичната одлука за одобрување на барањето за неговата регистрација.

 

02.09.2024 - 13:05

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега