Мицкоски: Кандидатите за градоначалници ќе бидат познати во мај-јуни
Премиерот Христијан Мицкоски очекува најголемиот дел од имињата за кандидати за градоначалници на коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ да бидат познати во втората половина на мај, првата половина на јуни.
Одговарајќи на новинарски прашања за подготовките за Локалните избори наесен, на прес-конференција тој соопшти дека општинските комитети и коалициските партнери во рамки на, како што рече, внатрепартиска и демократска процедура, добиле порака да се пријави секој што смета дека има амбиција, програма, визија и платформа за да води некоја од општините.
-Да се пријави секој што цени дека може да додаде вредност и ќе биде вклучен во мерењата. Тоа е еден партиски и коалициски механизам кој ние го имаме, во мерењата помеѓу граѓаните, во средината во која поединецот има амбиција и, откако ќе ги сублимираме резултатите, тогаш ќе излеземе во јавноста со имиња, рече Мицкоски на прес-конференцијата со министерот за локална самоуправа Златко Перински за вториот повик за финансирање проекти на општините.
На прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори ќе ги поддржи кандидатите на коалицијата Вреди и за кои општини би имало таква коалиција, претседателот на Владата одговори дека нема конечна одлука и оти во наредните седум месеци до стартот ана кампањата ќе разговараат со коалициските партнери во Владата, но дека „природен след на настаните“ е „соработката на централно ниво да се преслика на соработка на локално ниво“.
-Природно е Владата вака како што функционира, а функционира со исклучителна кохезија, да продолжи да функционира и во избори и надвор од изборни процеси. Нечесно е политика на двојни стандарди – да имате заедничка платформа и програма и така функционирате, а на Локални избори да препознаете друга платформа или политика, додаде Мицкоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа