Македонија и Косово заеднички ќе го градат тунелот на новиот патен правец Тетово-Призрен
Заменик-министерот за транспорт и врски, Беким Реџепи, и министерот за животна средина, просторно планирање и инфраструктура на Република Косово, Либурн Алиу, го потпишаа договорот за кофинансирање за проектирање за изградба на тунелот на новиот патен правец Тетово – Призрен.
Физибилити-студијата покажа дека најоптимална е трасата што почнува од Тетово преку Попова Шапка, Бродец и завршува во населеното место Вешала на македонска страна, а преку тунел ќе се поврзе со територијата на Република Косово.
„Како држава се залагаме за целосно отворање на регионот бидејќи овој регион има просперитет. Ќе имеме и поголема економска активност, само ако имаме подобро поврзување помеѓу земјите и народите. Во овој момент работиме на регионалното поврзување со сите соседи на Северна Македонија“, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
„Поврзувањето со Косово ќе се направи преку изградба на тунел долг 6,4 километри за што денеска го потпишавме овој договор меѓу двете земји. Спомнав дека е избрано најоптималното решение од причина што патниот правец минува низ ски-центарот Попова Шапка, што е огромна предност за развој и зголемување на туризмот во овој регион. Ова е почеток на нов инфраструктурен проект, кој несомнено ќе ја зацврсти нашата одлична економска соработка со Косово“, изјави заменик-министерот Беким Реџепи.
„Беше огромно задоволство да се почне на овој начин со изборот на проектант за изградба на заедничкиот тунел. Патот Тетово – Призрен ќе биде дел од патот што води до Попова Шапка и ќе треба да изградиме дополнително уште 17 километри пат за кој ќе почнеме со проектирање. Со заедничкиот тунел што ќе го градиме, а кој е 6,4 километри и кој ќе биде дел од Коридорот 8, ја подобруваме патната инфраструктура меѓу соседните земји во регионот и меѓу градовите Скопје, Тирана и Приштина“, истакна директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми.
Министерот за животна средина и инфраструктура на Република Косово, Либурн Алиу, истакна дека од косовска страна веќе се работи на патниот правец, кој преку изградба на новиот тунел треба да се поврзе со Северна Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа