Левица: Убијците од „Монструм“ и терористите од УЧК под закрила на Косово - Мицкоски молчи

 


Недопустлива е изразената индиферентност на премиерот Мицкоски на вчерашната меѓувладина седница во Приштина, кон прашањето за екстрадиција на убијците осудени за монструозниот масакр кај Смилковско езеро, велат од Левица.

„Додека Албин Курти сѐ уште “размислува“ за екстрадицијата на осудените за „Монструм“ – Мицкоски и министерот за правда од ЗНАМ, Филков, покажуваат целосна пасивност и безволност за решавање на 12 годишната неправда нанесена на жртвите, нивните семејства и македонските граѓани.

Не е првпат македонските институции да демонстрираат слабост и пасивност. Оваа владејачка гарнитура дозволи лесно бегство во Косово на припадникот на терористичката УЧК обвинет за тероризам - Блерим Рамадани.

Поддршката што Мицкоски ја изрази за Курти, наместо да бара итно разрешување на случајот, покажува дека политичките лидери го ставаат комфорот пред правдата. Неприфатлива е рамнодушноста и наивноста кон зборовите на косовскиот премиер дека „се работи, се размислува“, кога Приштина веќе во неколку наврати ги отфрла и одбива барањата за екстрадиција на доживотно осудените Исмаиловиќ и Демири кој впрочем сега е и на слобода.

Филков, како министер за правда, има директна одговорност да го реши ова прашање. Неговото присуство на заедничката седница на владите во Приштина, без никаква јасна временска рамка или притисок за екстрадиција, е уште еден показател за слабоста и понизноста на функционерите од власта.

Со ваквото пасивно однесување, Мицкоски и Филков ја омаловажуваат болката на семејствата на жртвите од Смилковско езеро и ја загрозуваат довербата на граѓаните во системот.

Наместо да молчат или да даваат поддршка за „уште малку време“, потребно е да се постават јасни ултиматуми и да се повика на одговорност – и дома, и во Приштина“, стои во соопштението од Левица.

19.11.2024 - 10:06

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега