Левица: Државата оставена со застарена противпожарна техника, недоволен број на пожарникари и без пилоти за канадерите
Македонија и ова лето сe соочува со недоволен број на пожарникари, застарени противпожарни возила, неупотреблива техника за справување со пожари и без пилоти за канадерите, велат од Левица.
„Во време на високи температури и метеоролошки предупредување за исклучително топло и суво лето, опасноста од појава на пожари во македонските шуми и планини е огромна. Дополнителен застрашувачки проблем што се наметнува кон овие скромни ресурси за борба против пожари е недостатокот на пилоти за трите канадери кои беа на одржување во Шпанија. Од тројцата пилоти за канадерите, останат е само еден, а според правилата за ЦВП, со еден пилот не може да се добие дозвола за летање.
Заштитата на граѓаните од пожари која треба да ја обезбеди државата е на исклучително ниско ниво!
Просечната старост на сегашната опрема изнесува 35.6 години, што е доказ дека во заедничкото владеење на ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ изминативе повеќе од триесет години, воопшто не е вложено во оваа сфера.
Затоа, Левица бара итно да се преземат превентивни мерки против појава на пожари! Дополнително бараме итно обновување на севкупната опрема потребна на противпожарните служби и исполнување на потребните минимумални стандарди, како и надоместување на неопходниот број на пожарникари, со цел постигнување на целосна оперативна подготвеност и територијална покриеност“, стои во соопштението на Левица.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа