Концентрацијата на олово во Крива Река зголемена за 10 пати
Десеткратно е зголемена концентрацијата на тешки метали во водите на Крива Река, информираше градоначалникот на општина Крива Паланка на прес-конференција Сашко Митовски.
Прикажувајќи лабораториско истражување за кое вели дека направено во акредатирирана лабораторија Митовски рече дека концетрацијата на олово во Крива Река е зголемена за десет пати повеќе.
-Дополнително, за неколку стотици пати е зголемена концентрацијата на цијанид, фосфор, јазот во Крива Река. Оттука сакам да порачам дека општина Крива Паланка ќе бара и кривична одговорност, особено што за ваква хаварија Кривичниот законик предвидува и кривична одговорност, рече Митовски, повикувајќи го Јавното обвинителство веднаш да преземе мерки за санкционирање.
Изворот на загадувањето, според градоначалникот на Крива Паланка, е рудникот Тораница. Митовски побара концесионерот на рудникот кривично да одговара.
-Имајќи предвид дека како резултат на ова загадување на Крива Река од страна на концесионерот на рудникот Тораница, загрозен е животот и здравјето на луѓето по текот на реката Тораница и Крива Река, но загрозена е и флората и фауната по водотекот, рече Митовски.
Предупредува дека под ризик е и плодната земјоделска почва, но и посевите кои се наводнуваат токму од овие две реки и од реката Пчиња.
-Во ризик е ставен и сточниот фонд кој исто така се напојува од овие неколку реки, коишто индиректно се става во опасност и животот и здравјето на луѓето коишто ќе ги конзумираат овие земјоделски или сточарски производи, вели Митовски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа