Кој е Мустафа Хајрулахи - јавниот обвинител под истрага за малтретирање вработени во Вишото јавно обвинителство
Првиот човек на Вишото јавно обвинителство, Мустафа Хајрулахи е обвинителот кој доби пријава од вработените за малтретирање, па беше отстранет од функцијата додека Јавното обвинителство од Штип не го истражи случајот, објавија повеќе медиуми.
Кој е Хајрулахи?
Иако негира јавно, Хајрулахи важи за близок до ДУИ.
-Не знам зошто ми лепат етикети. Не знам откај им е тоа. Нека докажат дека сум близок со ДУИ, рече Хајрулахи во интервју за 360 Степени во 2022 година.
Беше единствен кандидат за втор мандат на функцијата Виш јавен обвинител на Скопје. Иако само половина година претходно Советот на јавни обвинители му кажа дека не е задоволен од неговото менаџирање на ова обвинителство, сепак тој ја доби довербата.
Советот на јавни обвинители тогаш му замери што за време на неговиот прв мандат немало ниту една конфискација од предметите што ги работи најголемото, ОЈО Скопје и другите обвинителства. Хајрулахи тогаш не ги ни образложил причините за тоа што немало ниту една конфискација.
Мустафа Хајрулахи и Дилавер Бектеши од Вишото обвинителство се двајцата кои го чуваа во фиока предметот на првостепено осудените на затворски казни Ејуп Алими и Исмет Гури, за преправање на гласачки списоци во Чаир. Не му го враќаа на Апелациониот суд над 5 месеци, а требаше мислењето да го пратат за 15 дена и да го вратат предметот кај Апелација.
Пријава од вработени за малтретирање
Јавното обвинителство во Штип отвори предмет по добиена кривична пријава од вработени за малтретирање.
-Кривичната пријава против јавниот обвинител за малтретирање во вршење на службата беше поднесена до Јавното обвинителство на Република Северна Македонија од страна на група вработени во Вишото јавно обвинителство Скопје, по што таа беше проследена на надлежно постапување на Основното јавно обвинителство Штип. Во текот на истражните дејствија преземени од штипското обвинителство се добиени податоци и сознанија кои упатуваат на сомнение и за дејствија на злоупотреба на службената положба и овластување. По приемот на известувањето за поведена истрага, врз основа на член 81 од Законот за јавното обвинителство, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија донесе Одлука за оддалечување од функцијата за јавниот обвинител додека трае кривичната постапка поведена по поднесената пријава против него, велат од ОЈО.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа