Јаневска: По 6 децении, ОУ „Крсте Мисирков“ ќе добие нов објект
Премногу долго траеја овие монтажни бараки. Конечно по 6 децении ќе бидат заменети со нов, достоен објект за образување и за ова треба да му се честита на градоначалникот, на советот, на пратениците и на сите кои беа истрајни во изминатиот период за да стигнат до овој момент – конечно целта да почне да се реализира, рече министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, на поставувањето камен темелник за изградба на нов училишен објект на ОУ „Крсте Мисирков“ во општина Гази Баба.
„Инвестирањето во образованието е темел на секое современо и просперитетно општество. Нам како Влада тоа ни е сосема јасно и затоа оваа област е поставена меѓу високите приоритети во програмските определби“, рече Јаневска, додавајќи дека инфраструктурата е еден од трите столбови на кои се потпира квалитетот на образованието, покрај наставните програми и учебниците, и мотивираните наставници.
Министерството за образование и наука во моментов реализира 36 крупни капитални инвестиции, односно изградби на училишта и темелни реконструкции, како и 40 помали санации во училишни објекти.
„Камо среќа да затекневме полна каса пред три месеци, наместо целосно испразнета, па да можевме уште повеќе да го помогнеме образованието и сите негови чинители. Затоа пак, следната година планираме буџет од над 40 милијарди денари што е значително зголемување во споредба со претходните кои достигнуваа до 30 милијарди. Уверувам дека ќе го вратиме образованието на вистинскиот пат, со добра стратегија и со поддршка на локалните самоуправи, на граѓанскиот сектор и на меѓународните партнери“ изјави министерката.
Новиот училишен објект ќе има два спрата со 30 училници и вкупна површина од 3.128 квадратни метри. Вредноста на инвестицијата е 170 милиони денари обезбедени од Владата. Изградбата на училиштето ќе се реализира за 24 месеци.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа