Јанев: Секој полицаец мора да биде активен чувар на животите на сите граѓани

 


Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, денеска го посети моторното одделение при Одделот за обезбедување на личности и објекти, дел од Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи при што потенцираше дека полицијата е првата линија на одбрана на сообраќајната култура.

Како што пренесуваат од Министерството за внатрешни работи, во рамки на посетата, Јанев ја истакнал клучната улога на оваа специјализирана единица и нагласил дека нивната посветеност и долгогодишно искуство се од суштинско значење не само за безбедноста на патиштата и ескортното обезбедување на ВИП личности, туку и за пренос на знаење на помладите генерации преку обуки низ целата држава.

-Со стартот на оперативната акција „Безбеден сообраќај“, моторното одделение е целосно вратено во функција и повторно е присутно на терен. Нивната видливост директно влијае врз зголемување на безбедноста и свеста кај учесниците во сообраќајот, изјавил Јанев.

Додал дека полицијата е горда на професионалците кои секојдневно се грижат за животите на граѓаните и придонесуваат за развој на современа и одговорна сообраќајна култура, особено кај моторџиите, велосипедистите и корисниците на електрични тротинети.

-Секој полицаец мора да биде активен чувар на животите на сите граѓани. Безбедноста на патиштата не е само техничка задача, таа е вредносна обврска што ја делиме сите, заклучил директорот Јанев.

30.06.2025 - 16:04

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега