ФОТО: Груевски се прости од Папата

 

Поранешниот македонски премиер Никола Груевски, се огласи на Фејсбук по смртта на Папата.

- Почина папата Францис. Еден од највлијателните личности во светот. Познат по напорите за мир и дијалог во светот, ставовите за простување и милосрдие на оние кои ќе се покајат и ќе побараат простување, личност која важеше за папа на угнетените, маргинилизираните и на сиромашните. Папата Францис важеше за најскромниот папа кој ги отвори вратите на црквата пошироко од неговите претходници. Важеше за отворен кон сите, и многу често ги посетуваше земјите кои не се католички или имаат многу мал број католици, па така тој посети голем број православни, исламски и будистички држави, како и еврејската држава Израел, се сретнуваше со водачите на црквите или религиозните заедници од други религии, повеќе од било кој папа претходно, со некои и за прв пат во историјата на човештвото, промовираше мир и дијалог како најдобра алтернатива на војните и конфликтите. Како претседател на владата на Република Македонија имав чест да го посетам и запознаам на 23 мај 2015 година, во пресрет на чествувањето на празникот на Свети Кирил и Методиј, кога имав разговор со него поврзан со македонските стратешки интереси, како и развојот на културните врски и меѓурелигиските односи, во која прилика го поканив да ја посети Македонија, нешто што подоцна и го стори. Покрај ова, на 5 септември 2016 година како дел од делегацијата на Република Македонија присуствував и на историското свечено канонизирање на Мајка Тереза во Ватикан, кога истата беше прогласена за светица од католичката црква, настан со кој го водеше папата Францис. Ќе го паметиме и по тоа што со писмо до претседателот на Македонија го запре планираното неразумно рушење на недоизградената споменична композиција посветена на Мајка Тереза на плоштадот Македонија во Скопје, започнато во време кога ја предводев македонската влада, по смената на власта во Македонија, во годините по 2017 година кога новата власт, освен што не ги довршуваше започнатите работи, тежнееше да уништи се што може од започнатото а недовршено од нивните претходници. Ватикан и во негово време имаше одлични билатерални односи со Македонија и секогаш беше отворен за сѐ што имаше потреба. Нека почива во мир!, напиша Груевски.

22.04.2025 - 08:36

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега