ЗНАМ најави двајца кандидати за градоначалници

 


Портпаролот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија Никола Мемов, вечерва, на прес-конференција соопшти дека партијата на претстојните локални избори ќе настапи со двајца кандидати за градоначалници, и тоа во Општина Куманово со актуелниот градоначалник и лидер на ЗНАМ Максим Димитриевски и во Општина Центар со актуелниот заменик министер за енергетика, рударство и минерални суровини Мирослав Лабудовиќ. На вечерашната седница на Извршниот и Централниот одбор на ЗНАМ била усвоена одлуката за взаемна соработка со владиниот коалициски партнер ВМРО-ДПМНЕ во делот на кандидатите за градоначалници, како и за самостојни советнички листи во повеќе од 50 општини во државата. 

Како што појасни Мемов, ваквата одлука значи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржи нивните кандидати и дека во тие општини тие нема да излезат со свој кандидат, додека од друга страна, пак, ЗНАМ ќе ги поддржи кандидатите за градоначалници на ВМРО ДПМНЕ во сите општини, вклучувајќи го и Град Скопје.

– Движењето ЗНАМ ќе даде поддршка на кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ, вклучувајќи го и Град Скопје, а едновремено ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржи кандидатите за градоначалници од нашите редови. Кандидат за градоначалник на Општина Куманово едногласно е избран Максим Димитриевски, магистер по правни науки, претседател на Движењето ЗНАМ - За наша Македонија и актуелен градоначалник на Општина Куманово. Кандидат за градоначалник на Општина Центар едногласно е избран Мирослав Лабудовиќ, магистер по електротехника и информатички технологии, претседател на градската организација Скопје и актуелен заменик министер за енергетика, рударство и минерални суровини, посочи Мемов.

На новинарско прашање зошто ЗНАМ кандидира само двајца свои кандидати за градоначалници, Мемов рече „на овие локални избори пристапуваме многу релаксирано, ослободени од каков било притисок за кандидирање на градоначалници во голем број општини по секоја цена“. 

Според него, во медиумите се креира наратив во врска со бројот на кандидати за градоначалници, но, како што рече, ЗНАМ многу внимателно го гради својот развој и доверба кон граѓаните.

– Засега утврдивме кандидати за градоначалници во најголемата општина во Македонија, тоа е Куманово и во најзначајната општина во Скопје, тоа е Општина Центар. Процесот на аналитика и проверка за други општини се уште е отворен и не ја исклучуваме можноста да имаме кандидати за градоначаници и во други општини, рече Мемов.

05.09.2025 - 21:57

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега