Форум за земјоделска политика 2025 во Охрид
Најважните предизвици и можности со кои се соочува земјоделскиот сектор во регионот, со акцент на пристапувањето во ЕУ, иновациите и климатската отпорност ќе бидат во фокусот на 25-иот форум за земјоделска политика кој ќе се одржи во Охрид, во организација на Постојаната работна група за регионален рурален развој (SWG) во Југоисточна Европа, во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Форумот за земјоделска политика (APF), е дводневен настан, кој претставува платформа за политички дијалог за земјоделството и руралниот развој во Југоисточна Европа, и како што е најавено, ќе собере повеќе од 100 клучни учесници од регионот и пошироко, со цел да се адресираат критичните предизвици и можности со кои се соочува земјоделскиот сектор во регионот.
Насловот на овогодинешното издание е „Насочување кон интеграција во ЕУ и влијанието на климатските промени врз земјоделството: Обезбедување иднина за нашите земјоделци и храна во Југоисточна Европа“.
Покрај пленарните сесии, Форумот ќе биде домаќин и на три тематски работни групи кои ќе се фокусираат на: органско производство, прилагодување кон климатските промени во земјоделството и развој на земјоделските политики.
Дополнително, преку изработка на политичкиот документ со кратки препораки „APF Охрид Агенда 2025“, форумот, како што е најавено, има за цел да постави основа за дискусија на претстојниот состанок на министрите за земјоделство од ЈИЕ, планиран за крајот на септември 2025 година.
Форумот за прв пат е организиран во 2001 година со цел да го олесни креирањето на политики во Југоисточна Европа кои се засновани на докази.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа