ФИТР со повик за доделување награди

 

Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) објави повик „Натпревар за успешни иницијативи од Западен Балкан“ на кој вкупно 18.000 евра ќе се доделат како признание на шест иницијативи кои ги поттикнуваат младите да истражуваат и создаваат иновации. Наградите ФИТР ги организира во рамки на европскиот проект POLICY ANSWERS, во кој Фондот ја доби главната улога во пилотирање на мерки за поддршка за истражување, развој и иновации во сите економии од Западен Балкан. Проектот е финансиран од програмата Хоризонт Европа на Европската Комисија.

- Овие награди ги вреднуваат, препознаваат и слават извонредните иницијативи фокусирани на младите од Западен Балкан, кои значително успеале да ги вклучат младите (15 – 29 години) во истражување и иновации помеѓу 2020 и 2024 година. Целта на наградите е да се потенцираат успешните приказни за истражување и развој фокусирани на младите од Западен Балкан и да се промовираат можности за учење и професионално усовршување во истражувањето и иновациите, стои во соопштението од ФИТР.

Повикот е наменет за сите правно-основани организации (микро претпријатија, мали и средни претпријатија, граѓански организации, училишта, универзитети или други субјекти) со седиште или фокусирани на земјите од Западен Балкан (Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора или Србија). На натпреварот, вкупно шест победници од регионот ќе добијат награда во вредност од 2.000 евра со сите платени трошоци за учество, една главна награда во вредност од 6.000 евра, регионално признание за влијателни иницијативи фокусирани на младите и шанса да ја инспирираат следната генерација иноватори.

Рокот за пријавување за учество на натпреварот е до 18 април 2025 година. Повеќе информации за натпреварот можат да се добијат на следниот линк: https://westernbalkans-infohub.eu/calls/policy-answers-call-for-participation-western-balkans-research-and-innovation-youth-awards/ 

06.03.2025 - 10:50

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега