ЕУ и САД: Белград и Приштина да преземат мерки за деескалација на ситуацијата
Европската Унија и Соединетите Американски Држави се загрижени за тензичната ситуација на северот на Косово и ги повикуваат сите на максимална воздржаност, соопшти прес-службата на ЕУ.
Како што е наведено, се повикуваат Белград и Приштина итно да преземат мерки за безусловна деескалација на ситуацијата и да се воздржат од провокации, закани и заплашувања.
„Ние работиме со претседателот Вучиќ и премиерот Курти на изнаоѓање политичко решение со цел да се смират тензиите и да се договориме за патот напред во интерес на стабилноста, безбедноста и благосостојбата на сите локални заедници. Ги поздравуваме уверувањата на раководството на Косово дека не постојат списоци на граѓани на косовските Срби кои ќе бидат уапсени или кривично гонети поради мирните протести/барикади, се вели во заедничката изјава.
Се додава дека САД ќе ја поддржат работата на Европската Унија преку нејзината мисија за владеење на правото на Косово (ЕУЛЕКС), а ЕУЛЕКС, во согласност со својот мандат, ќе продолжи внимателно да ги следи сите истраги и последователни постапки за промовирање на почитувањето на човечки права.
Како што е наведено, ова вклучува гаранции за правично судење, како и заштита и еднаков третман за припадниците на немнозинските заедници во Косово.
ЕУ и САД, исто така, очекуваат Белград и Приштина да се вратат на „негување на средина погодна за помирување, регионална стабилност и соработка во корист на нивните граѓани“ и нагласуваат дека сите обврски што произлегуваат од дијалогот мора целосно да се спроведат без одлагање.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа