Дунав се излева, голема закана по Будимпешта
Дунав, чијшто водостој моментално е над осум метри, би можел да го достигне својот врв во Будимпешта за време на викендот, според прогнозите на метеоролозите.
Во Унгарија, која се бори со поплави откако циклонот „Борис“ предизвика обилни врнежи во Централна Европа, ситуацијата е најкритична во селото Кисмарош, каде мештаните веќе користат чамци по улиците, додека населението на градот Баја се подготвува за најголемата поплава во последните 11 години, пренесува „Index.hu“.
„Во Будимпешта се очекува бавен раст, водостојот на Дунав ќе се зголеми за педесет сантиметри до сабота навечер, по што реката полека ќе почне да се повлекува“, изјави генералниот директор на националното водостопанство Иштван Ланг.
Тој нагласи дека поплавите се големи и дека одбраната е отежната.
Тој рече и дека просечниот водостој на Дунав е околу педесет сантиметри понизок од нивото на водата за време на поплавите во 2013 година, но дека оптоварувањето на одбранбените линии е сепак многу значајно.
Ланг истакна дека времето за одбрана ќе биде подолго од претходно планираното бидејќи падот на водостојот е побавен од очекуваното.
Унгарија се бори со поплави откако циклонот „Борис“ предизвика обилни врнежи во Централна Европа, јавува Танјуг.
Најлошите поплави што ја погодија централна Европа во последните две децении погодија делови од Полска, Чешка, Романија, Австрија и Словачка и однесоа најмалку 24 животи.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен вчера се сретна со лидерите на европските земји погодени од поплавите, меѓу кои Полска, Австрија, Чешка и Словачка и вети финансиска помош од Европскиот фонд за солидарност.
Таа изјави дека ЕУ ќе обезбеди уште 10 милијарди евра од кохезиониот фонд поради огромните штети предизвикани од поплавите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа